МЕЛОНИ, НЕТАНЈАХУ, ВУЧИЌ И ДРУГИ ДЕСНИЧАРСКИ ЛИДЕРИ СНИМИЈА СПОТ ЗА ПОДДРШКА НА ОРБАН НА ИЗБОРИТЕ

    МЕЛОНИ, НЕТАНЈАХУ, ВУЧИЌ И ДРУГИ ДЕСНИЧАРСКИ ЛИДЕРИ СНИМИЈА СПОТ ЗА ПОДДРШКА НА ОРБАН НА ИЗБОРИТЕМелони, Нетанјаху и Ле Пен во видеото велат дека на Европа ѝ требаат лидери како Орбан (Фото: Инстаграм)

    Десничарски лидери од целиот свет се здружија да му дадат поддршка на Виктор Орбан за претстојните парламентарни избори во Унгарија. Тие ќе се одржат на 12 април и предизборните анкети покажуваат дека главната опозициска партија Тиса има солидна предност во однос на Фидес на Орбан.

    „На Европа ѝ треба Виктор Орбан“, вели лидерката на крајнодесничарската партија Алтернатива за Германија, Алис Вајдел, во промотивното видео, објавено од унгарскиот премиер.

    Во него се појавуваат 11 државници и политичари, вклучувајќи ги италијанската премиерка Џорџа Мелони, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, словачкиот премиер Роберт Фицо и српскиот претседател Александар Вучиќ.

    „Благодарение на лидери како Виктор Орбан, кампот на патриоти и бранители на нациите и суверените народи постигнува сè поголем успех во Европа“, вели поранешната лидерка на француската десница Марин Ле Пен.

    Поддршка на Орбан му даваат и аргентинскиот претседател Хавиер Милеи, чешкиот премиер Андреј Бабиш, бившиот полски претседател Моравјецки и лидерот на австриската десница Херберт Кикл.

    Орбан, кого долго време го критикуваат за слабеење на демократските институции, еродирање на слободата на медиумите и за поткопување на владеењето на правото, се соочува со невиден предизвик од поранешниот висок член на неговата партија Петер Маѓар. Додека Унгарците се борат со економска стагнација, растечките трошоци за живот и со истрошените социјални услуги, анкетите покажуваат дека Орбан и Фидес заостануваат зад Тиса на Маѓар. Додека Орбан ги истакнува своите меѓународни релации, кампањата на Маѓар се фокусира на внатрешните работи, со ветувања за стимулирање на унгарската економија преку справување со корупцијата и отклучување на милијарди евра од замрзнатите фондови на ЕУ.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира