Во изминатите 12 месеци, еден од четири ученици (25%) изјавил дека се коцкал за пари. Коцкањето со физичко присуство е почесто (21%) отколку онлајн коцкањето (15%), иако и двете се значајно застапени. Проблематичното коцкање се зголемило од 4,5% во 2019 на 7,6% во 2024 кај оние кои се коцкаат (9,3% од момчињата и 4,1% од девојчињата во 2024), велат заклучоците на истражувањето на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ).
Извештајот на ИЈЗ насловен „Европски проект за истражување во училиштата за алкохол и други дроги во Македонија“ (ЕСПАД) беше објавен на 22 декември.
Истражувањето нуди суштински и навремен преглед на однесувањата, ставовите и ризичните средини на учениците на возраст од 15 до 16 години во Македонија. Со национално репрезентативен примерок од над 2.800 ученици, студијата ги истакнува постојаните и новите модели на употреба на супстанци, како и поврзаните психосоцијални и бихејвиорални трендови. Целната популација на истражувањето се состоеше од ученици родени во 2008 кои биле запишани во прва година во средните училишта во Македонија. Оваа популација беше избрана во согласност со ЕСПАД протоколот, кој се фокусира на ученици кои имаат 15 или 16 години, возрасната група за која се смета дека е изложена на зголемен ризик од започнување на употреба на супстанци. Рамката за земање примероци ги вклучуваше сите редовни средни училишта (општи и стручни) во државава. Приватните училишта и училиштата за деца со посебни потреби не беа земени предвид.
Учествуваа 96 училишта со 182 паралелки и 2.865 ученици, кои го пополнија прашалникот. По чистењето на податоците, конечниот број на валидни прашалници беше 2.831.
Дали се коцкаат во живо (со физичко присуство на слот машини, игри со карти или коцки, лотарии, обложување на спорт или животни), 21% од сите ученици пријавиле учество. Момчињата имале поголема веројатност да бидат вклучени, при што 30% навеле дека се коцкале за пари во живо, додека само 12% од девојчињата го пријавиле истото.
Онлајн коцкањето (слот машини, игри со карти или коцки, лотарии и обложување на спорт или животни) е помалку застапено во целина, но се забeлежува родова разлика. Вкупно 15% од учениците пријавиле онлајн коцкање, при што 21% од момчињата и само 9% од девојчињата се вклучиле во овој облик на коцкање.
„Овие бројки истакнуваат значајни родови разлики во однесувањето кај учениците кон коцкањето, при што момчињата постојано пријавуваат повисоки стапки на преваленца кај сите форми на коцкање“, вели ИЈЗ.
Меѓу 2015 и 2024 година, вкупната распространетост на коцкањето за пари кај учениците во последните 12 месеци покажала постепено опаѓање. Во 2015, 31% од учениците пријавиле коцкање, што се намалило на 27% во 2019 и дополнително се намалило на 25% во 2024.
Кај момчињата, преваленцата била највисока во 2015, 44%. Сепак, имало значително намалување до 2019, паѓајќи на 34% и оттогаш се стабилизира, останувајќи на исто ниво во 2024. Кај девојчињата, преваленцата останала релативно стабилна во текот на набљудуваниот период, со мало флуктуирање. Во 2015, 18% од девојчињата пријавиле коцкање, што малку се зголемило на 19% во 2019, пред да се намали на 16% во 2024.
Генерално, податоците укажуваат на тренд на намалување на преваленцата на коцкање кај учениците, првенствено намалување кај момчињата, додека стапките кај девојчињата останале релативно ниски и стабилни во текот на целиот период Меѓу учениците кои пријавиле коцкање во последните 12 месеци, мнозинството се занимавале со коцкање во живо. Генерално, 85% од учениците кои се коцкале пријавиле учество во овие активности.
Онлајн коцкањето било исто така честа појава кај оние кои се коцкале, при што 61% од сите оние кои се коцкале пријавиле вклученост во онлајн коцкање. Пропорцијата била речиси идентична помеѓу половите, при што 61% од момчињата и 60% од девојчињата навеле дека се коцкале онлајн.
Проблематично коцкање се мери преку прашањата „дали сте почувствувале потреба да се кладите за повеќе и повеќе пари“ и „дали некогаш сте морале да ги лажете луѓето кои ви се важни за тоа колку сте се коцкале“.
Се проценува дека во 2019 година 4,5% од сите ученици кои се коцкале биле проблематични коцкари. Во 2024, овој процент се зголемил на 7,6%. Кај момчињата, преваленцата на проблематично коцкање речиси се удвоила, од 5,8% во 2019 на 9,3% во 2024. Сличен модел е забележан и кај девојчињата, иако на пониски нивоа. Во 2019, се проценува дека 2,3% од девојчињата кои се коцкале имале проблем со коцкањето, зголемувајќи се на 4,1% во 2024.
- ДЕСЕТ ОТСТО ОД 2.800 ТИНЕЈЏЕРИ ЗЕМАЛЕ ЛЕКОВИ ПРОТИВ БОЛКА ЗА ДА БИДАТ „ХАЈ“, ВЕЛИ ИНСТИТУТОТ ЗА ЈАВНО ЗДРАВЈЕ
- ТРЕТИНА ОД УЧЕНИЦИТЕ ПРОБАЛЕ АЛКОХОЛ НА ВОЗРАСТ ПОД 13 ГОДИНИ, ВЕЛИ ИСТРАЖУВАЊЕ НА ИНСТИТУТОТ ЗА ЈАВНО ЗДРАВЈЕ
- НАД 70 ОТСТО ОД ТИНЕЈЏЕРИТЕ ЗНААТ ДЕКА ПОМИНУВААТ ПРЕМНОГУ ВРЕМЕ НА СОЦИЈАЛНИТЕ МРЕЖИ, 33 ОТСТО ВЕЛАТ ДЕКА ОД ТОА СЕ ЛОШО РАСПОЛОЖЕНИ, РЕЧЕ ИНСТИТУТОТ ЗА ЈАВНО ЗДРАВЈЕ
Б. НЕСТОРОСКА





