ГО МОЛЕВМЕ ДРАГАН Б. КОСТИЌ ДА НИ ГИ ПУШТА СЕНТИШИТЕ ПОРАНО ЗА ДА НЕ НИ ИЗБЕГААТ ДЕВОЈКИТЕ ОД ДИСКО, РЕКОА ПРИЈАТЕЛИТЕ НА ЛЕГЕНДАРНИОТ РАДИОВОДИТЕЛ И ДИЏЕЈ НА КОМЕМОРАЦИЈАТА

    ГО МОЛЕВМЕ ДРАГАН Б. КОСТИЌ ДА НИ ГИ ПУШТА СЕНТИШИТЕ ПОРАНО ЗА ДА НЕ НИ ИЗБЕГААТ ДЕВОЈКИТЕ ОД ДИСКО, РЕКОА ПРИЈАТЕЛИТЕ НА ЛЕГЕНДАРНИОТ РАДИОВОДИТЕЛ И ДИЏЕЈ НА КОМЕМОРАЦИЈАТАПетар Георгиевски-Камиказа рече дека Драган Б.Костиќ прв ја слушнал песната „Дирлада“ од „Меморија“ и рекол дека ќе биде најголем хит. (Фото: К.Попов)

    „Кога пушташе музика во диско ‘Турист’, на Драган Б. Костиќ сите му велеа да го пушти сентишот за танго пред 21.30, за не ни избега девојката со која сакаме да играме. Многу од девојките не ги пуштаа до доцна, па го молевме Драган да го темпира времето за сентиш за да можеме да се додворуваме“, рече музичарот Петар Георгиевски-Камиказа на комеморацијата за легендарниот радио и ТВ водител и диџеј која се одржа денеска во Младинскиот културен центар (МКЦ). Слични спомени раскажаа и другите соговорници.

    Костиќ почина по кусо боледување во Скопје на 20 декември 2025. Комеморацијата почна со гласот со кој пораснаа многу генерации од шпиците на легендарните емисии „Диско селектор“, „Заборави ако можеш“ и поновата „Кавервил“. Речиси сите во салата плачеа кога ја слушнавме познатата најава од „Заборави ако можеш“, „Од иднината не се бега, таква-таква, запишана е“.

    Сопругата на Драган Б. Костиќ Иванка, ќерката Ели и синот Бане. (Фото: К. Попов)

    „Ги искористив сите мои земски врски кога слушнав дека се разболе. Кога се врати дома од болница, реков добро е, тој ќе биде нараторот на документарецот за ‘Меморија’. Зборувавме на телефон и му реков дека за првпат можам да го надзборам, а тој се смееше. Три дена потоа, ми се јави ќерка му Ели и ми кажа дека починал“, додаде Петар Георгиевски-Камиказа.

    „Вчера, се обидов нешто да напишам. Сѐ што ми текна во главата не ставив на хартија. Си ја пуштив снимката од гостувањето на Драган во мојот подкаст и си реков, ќе извадам нешто. Се сетив само на милозвучниот глас и на музиката од моето детство“, рече новинарот Антонио Димитриевски.

    Комеморацијата ја водеше новинарот Антонио Димитриевски. (Фото: К. Попов)

    За првпат јавно, кантавторот Дарио се расплака зборувајќи за Костиќ, за кој рече дека се и семејно, роднински поврзани.

    „Втор пат во животот имам најголема трема. За првпат кога дојде да ме слуша како средношколец со бендот во ‘Никола Карев’ и сега, пак пред него.  Кога стоев кај него во кабина во диско Турист, додека тој пушташе музика и го гледав тој убав свет одзгора, целата скопска шминка, мислев дека сум на врвот на светот. Сега, кога ќе размислам, навистина сум бил на врвот на светот. Безброј заеднички летувања, најубавите сендвичи на неговата Иванка по излегувањата, заеднички изгледани Евровизии. И да не заборавам, тој во диско Турист ме запозна со мојата сопруга Бојана со која сме 40 години заедно. Фала ти Драган“, рече низ солзи Дарио.

    Дарио рече дека Драган.Б. Костиќ го запознал со сопругата. (Фото: СДК.МК)

    Емотивен говор одржа и диџејот Зоки Бејбе, кој на крајот се поклони пред сликата на Костиќ и рече: „Фала ти даскале“.

    „Бев на некој семеен собир кога имав десет години, и одеднаш поради кризата за електрична енергија, снема струја. Нема да го заборавам тој глас кој некој го пушти на транзистор на батерии додека седевме под свеќи и она неговото ‘Диско селектор’. Кога имав 13 години, тој ги повика сите кои сакаат да дојдат во Македонското радио, и да видат се прават радиоемисиите. Кога му кажав дека ја имам сингл плочата од ‘Дуран Дуран’ што ја пушти за мене, тој поглед и денес е пред мене. Тој поглед ми го одреди животот. Сите ние кои се занимаваме со оваа работа секогаш сме имале трема пред Драган Б. Костиќ, без оглед дали бил на нашите забави или ги следел нашите емисии“, рече Зоки Бејбе.

    Тој додаде дека она што го Костиќ го направил во „Радио урнебес“ и воопшто во Македонското радио било подобро од лондонското радио „Би-Би-Си“ и други радија од Њујорк во тоа време.

    Диџеј Зоки Бејбе кажа дека еден поглед на Драган Б. Костиќ му одредил што ќе работи. (Фото: СДК.МК)

    За Костиќ зборуваше и неговиот долгогодишен пријател и соработник од радиото Бранко Димитријевиќ, познат како диџеј Бане.

    „Знаевме долго да седиме и тој ме испрашуваше за членови од бендовите. Немаше што не знае. Многу следеше спорт и знаевме да се закачиме околу ‘Ливерпул’ или ‘Челзи“, рече Димтријевиќ.

    Зборуваше и докторот на Костиќ, Горан Саневски кој се простил од него неколку часа пред да почине.

    „Му реков: ‘Стари, кога ќе умреш, појави ми се на сон и кажи ми дали има нешто горе’. Го чекам да си го исполни ветувањето, зашто досега ни едно немаше неисполнето“, рече Саневски и додаде дека Костиќ починал точно во 9 наутро, а бројот девет означува љубов, хуманост и мудрост.

    Типографот и ликовно-графички дизајнер Ласко Џуровски рече дека знаеле по 5-6 часа да разговараат на разни теми и сопругата му се чудела како е можно да имаат толку теми за муабет.

    На крајот се прикажа емотивен колаж од фотографии од Костиќ, од неговото рано детство, слики од емисите кои ги работел, плочите кои ги собирал, фотографии со многу познати македонски и балкански музичари, спортисти и уметници, и спомени со сопругата Иванка, ќерката Ели и синот Бане кои седеа во првиот ред.

    М. ЏАРОВСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира