(Од Берлин за САКАМДАКАЖАМ.МК: Марина КОСТОВА)
„Сентиментална вредност“ на норвешкиот автор Јоаким Триер е најдобар европски филм и освои вкупно 6 европски оскари на 38. доделување на Европските филмски награди во Берлин. Триер доби и за најдобар режисер и за сценарист со Ескил Вогт, Ренате Ренсве за најдобра актерка, Стелан Скарсгард за најдобар актер и полската композиторка Ханија Раби за најдобра музика.
Најголемиот конкурент, шпанскиот „Сират“ на Оливер Лаше, освои пет награди, сите во техничките категории.
Ова беше вистинска вечер на норвешкиот филм, зашто и легендарната Лив Улман доби награда за животно дело, а нејзиниот внук режисерот Халфдан Улман Тиндел, кој е и партнер на Ренсве, ја отвори церемонијата со претставувањето на наградата за европско откритие – При ФИПРЕСЦИ. Наградата ја доби „За паѓањето“ на младата Португалка Лаура Кареира.

Од лево кон десно: Игор Безиновиќ освои за најдобар документарец за „Фјуме о морте!”, Лаура Кареира за најдобро деби за „За паѓањето” и Уго Биенвену за најдобар анимиран филм за „Арко”. (Фото: СДК.МК)
Хрватскиот автор освои награда за најдобар документарец за „Ријека или смрт!” (Фјуме о морте!), францускиот „Арко” на Уго Биенвену е најдобар анимиран филм, а италијанската режисерка Аличе Рорвахер доби награда за кариера.
„Мојот филм е копродукција на 6 земји и е пример за европска соработка. Ние во Европа имаме многу добар систем за финансирање филмови, а мислам дека тоа често го забораваме. Верувам дека уметноста не е за јасна цел туку е нешто што го правиме од потреба. Филмот нема да нуди решение за политичката ситуација, но јас научив нешто што ме прави свесен за тоа што го живееме”, рече Триер на прес-конференцијата по церемонијата.
„Сентиментална вредност” има големи шанси да добие и номинација за Оскар во повеќе категории, иако Стелан Скаргард рече дека не се надева премногу. На прашањето за притисокот на американскиот претседател Доналд Трамп да го земе Гренланд од Данска, Скарсгард рече: „Тоа е мал човек кој е мегаломан и сака да го освои светот, а е криминалец”. Триер кажа дека тоа е апсурдна идеја и оти мора да се почитува меѓународното право зашто инаку би предизвикало домино ефект низ целиот свет.
Безиновиќ, чиј филм го истражува фашистичкото минато на Ријека окупирана од Италија на чело со поетот и фашист Габриеле Д’Анунцио, ја посвети наградата на ријечаните.
„Ова е политички филм и фактот дека ја доби наградата кажува оти гласачите во Европската филмска академија не калкулирале. Ова е филм за милитаризацијата, фашизмот и капиталистичкото инвестирање во милитаризација. Тој предупредува за растот на фашизмот денес”, рече Безиновиќ на прес конференцијата.
Лаура Кареира ја повика Португалија да инвестира во културата и рече дека наградата ќе и помогне и натаму да презема ризици во филмското авторство.
Биенвену рече дека за него анимацијата секогаш била „за осетлива вистина и ми значи како рачно цртање”.
Четиричасовната церемонија годинава беше под мотото „Зошто го сакаме филмот?“, чиј автор и церемонијал-мајстор беше ирско-шкотскиот документарист Марк Казинс, кој направи прошетка низ историјата на филмот. Возбудливи изненадувања на вечерта беа и два оригинални филмски артефакти донесени на сцена од германската Кинотека: шапката на Марлен Дитрих од филмот „Шангај експрес” и панел од првиот германски анимиран филм, стар 100 години, „Авантурите на принцот Ахмед” на Лоте Рајнингер.
Европските награди 2026 ќе се доделат во јануари 2027 во Атина.






