Експертите кои ја истражуваат причината за излетувањето на брз воз од пруга во јужна Шпанија, при што загинаа најмалку 39 луѓе, пронашле скршена спојка на шината, кажа добро информиран извор. Излетаните вагони се судрија со воз што доаѓаше од спротивната насока, исфрлувајќи го од шините во насипот, што е една од најлошите железнички несреќи во Европа во поново време.
Несреќата се случи во близина на Адамус во јужната покраина Кордоба, околу 360 километри јужно од Мадрид и владата прогласи тридневна национална жалост. Повредени се 122 луѓе, од кои 48 се во болница.
„Техничарите кои ги анализираат шините идентификувале одредено абење на спојката меѓу деловите од шината, што, според нив, покажува дека дефектот постоел веќе некое време. Тие откриле дека неисправната спојка создала јаз меѓу деловите од шината, што се проширил додека возовите возеле по пругата“, рече изворот.
Тој рече дека техничарите веруваат оти неисправната спојка е клучна за утврдување на прецизната причина за несреќата.
Министерот за транспорт Оскар Пуенте претходно ја опиша несреќата како многу чудна.
„Несреќата се случи на прав дел од пругата, што била целосно реновирана минатиот мај по големи инвестиции. Првиот воз што излета од шините исто така бил практично нов. Ова ја прави несреќата исклучително чудна и многу тешка за објаснување. Железничките експерти се многу изненадени од оваа несреќа. Ќе биде потребен најмалку еден месец за да се објават резултатите од истрагата“, кажа Пуенте.
Фирмата „Ренфе“, која управува со удрениот воз, ги исклучи прекумерната брзина и човечката грешка како причини за несреќата.
Во двата воза имало вкупно 400 патници и членови на екипажот. Несреќата се случила десет минути откако излетаниот воз ја напуштил станицата во Малага и приватната компанија „Ирјо“, која управува со возот, кажа дека локомотивата била проверена пред само четири дена.



