Доналд Трамп кажа дека ќе разговара за Гренланд на Светскиот економски форум во Давос зашто Данска не може да ја заштити територијата, но додаде оти не очекува дека Европа ќе го притиска премногу. Тој потврди дека утре ќе патува за Давос, неколку дена откако најави царини од 10% за Велика Британија, Франција, Германија, Холандија, Данска, Шведска, Норвешка и Финска поради нивното противење на американско преземање на Гренланд.
Во објава на својата социјална мрежа Трут соушл утрово, Трамп кажа дека имал „многу добар телефонски разговор“ со шефот на НАТО, Марк Руте и дека се согласил да се сретне со различни страни во Давос, не прецизирајќи со кого.
„Како што им кажав на сите многу јасно, Гренланд е императив за националната и светската безбедност. Нема враќање назад, со тоа сите се согласуваат“, кажа Трамп и повтори дека Данска не може да го заштити островот.
„Данците се прекрасни луѓе, исто како и нивните лидери, но тие дури не ни одат таму“.
Германскиот канцелар Фридрих Мерц изјави дека ќе се обиде да се сретне со Трамп во Давос, истакнувајќи дека никој не сака трговски спор. Трамп вчера кажа дека „100% ќе воведе царини на 1 февруари“ ако не се постигне договор за Гренланд.
Данскиот министер за надворешни работи Ларс Локе Расмусен изјави дека Европа мора да покаже дека заканите со царини не се патот напред.
„Имаме црвени линии што не можат да се преминат. Немам намера да ја ескалирам оваа ситуација. Живееме во 2026 година, можеш да тргуваш со луѓе, но не да продаваш луѓе“, рече тој.
Европската Унија в четврток ќе одржи вонреден лидерски самит во Брисел, каде што ќе се разговара за тоа како да одговорат на најновата закана на Трамп за преземање на Гренланд.
„Ние немаме интерес да започнуваме борба, но ќе се држиме до своите ставови. Трговските закани не се начин да се постигне ова. Суверенитетот не е за трговија“, рече Каја Калас, еврокомесарката за надворешна политика.



