Дебитантскиот филм „17“ на Косара Митиќ ќе има светска премиера на 76. Берлинале во селекцијата Перспективи, објави денеска фестивалот. Перспективи е натпреварувачка селекција за дебитантски филмови, годинава 14 се во трката за наградата Најдобро филмско деби. 76-то издание на Берлинскиот филмски фестивал ќе се одржи од 12 до 22 февруари.
По сценариото на Митиќ и хрватскиот режисер и сценарист Огњен Свиличиќ, филмот се снимаше пролетта 2024. Вистинит настан кој се случи во 2016, кога студентка од Скопје го фрли во корпа за отпадоци своето живо родено бебе, во тоалет на граничниот премин Табановцe и замина на апсолвентска екскурзија во странство, е инспирација за „17“.
„Филмот ’17’ е фокусиран на средношколците и тинејџерите, кои се критична и ранлива демографија. Во свет заситен со социјални медиуми, каде што владеат вредности кои шокираат, ’17’ ги предизвикува гледачите да се соочат со непријатните вистини за адолесценцијата и потрагата по потврда во дигиталниот пејзаж кој постојано се менува, притоа, оставајќи ги изложени повеќе од било кога досега на притисоците од средината и потребата за истражување на нивната сексуалност“, изјави Митиќ на почетокот на снимањето во Скопје.
Во филмот играат Ева Костиќ, Мартина Даниловска, Ева Стојчевска, Петар Маниќ, Ирена Димеска, Луна Бејков, Христијан Ристески, Алина Христовска, Даме Јовески, Јован Тодоров, Мина Јелушиќ, Тодор Стојковски, Иво Јездиќ, Ана Стојановска, Жаклина Стевковска, Сашко Коцев и Оливер Митковски.
„17″ е копродукција на македонската „Црна мачка продукција“ со „Арт&попкорн“ од Србија и „Децембер“ од Словенија, поддржана од македонската Агенција за филм и филмските фондови на Србија и Словенија. Филмот доби 23 милиони денари (околу 345.000 евра) на првиот конкурс на Агенцијата за филм во 2021.
Продуценти се Томи Салковски и Кристијан Буровски, кинематографер е Наум Доксевски, сценографи се Дејан Ѓоршевски и Александра Чевреска, костимите се на Жаклина Крстевска, шминка и фризура на Карла Лазиќ (Србија), снимател на звук е Аљаж Лукан (Словенија), а монтажер Дејан Смилески.
Митиќ досега режирала неколку кратки филмови, меѓу кои „Црвената соба“ (2016), „Роденден“ (2015) и „Намини бар еднаш“ (2013) кои биле прикажани на повеќе од 20 фестивали ширум светот.
Б. НЕСТОРОСКА



