Европскиот парламент донесе одлука да се замрзне спроведувањето на трговскиот договор помеѓу Европска Унија и САД поради барањето на Доналд Трамп за преземање на Гренланд и неговите закани со нови царини. Договорот беше постигнат во Шкотска минатиот јули.
„Немаше алтернатива освен да се суспендира одобрувањето на трговскиот договор помеѓу ЕУ и САД поради континуираните и ескалирачки закани на САД во врска со Гренланд. Со загрозувањето на територијалниот интегритет и суверенитет на земја-членка на ЕУ и со користењето на царини како инструмент за принуда, САД ги поткопуваат стабилноста и предвидливоста на трговските односи помеѓу ЕУ и САД“, изјави претседателот на Комитетот за меѓународна трговија на Европскиот парламент, Бернд Ланге.
Многумина пратеници претходно се пожалија дека трговскиот договор е нерамномерен зашто од ЕУ се бара да ги намали повеќето увозни давачки, додека САД се држат до стапката од 15%, но, сепак, беа подготвени да го прифатат.
Трамп го засили притисокот за преземање на Гренланд откако викендов најави дека на 1 февруари ќе воведе нова царина од 10% за Велика Британија, Германија, Франција, Холандија, Данска, Шведска, Норвешка и Финска поради нивното отворено противење на неговите планови.



