Доналд Трамп го претстави својот Одбор за мир, кој првично требаше да се фокусира на Газа, но тој кажа дека би можел да има поширока улога и да решава конфликти низ светот.
„Откако Одборот целосно ќе се формира, ќе можеме да правиме што сакаме. И ќе го правиме тоа во согласност со Обединетите нации“, рече американскиот претседател.
Трамп, кој ќе претседава со Одборот, покани десетици светски лидери да се приклучат. Освен САД, ниедна друга постојана членка на Советот за безбедност на ОН досега не одговорила позитивно. Русија кажа дека го проучува предлогот, Франција и Велика Британија одбија да учествуваат, а од Кина засега нема никаков одговор.
Место нив, Трамп како основачки членови ги претстави Индонезија, Унгарија, Аргентина, Парагвај, Катар, Пакистан, Косово, Ерменија, Турција, Азербејџан, Мароко, Саудиска Арабија, Бугарија, Бахреин, Обединети Арапски Емирати, Узбекистан, Монголија, Казахстан и Јордан, откако поканата била испратена до 60-ина држави.
„Овој Одбор има потенцијал да биде едно од најзначајните тела некогаш создадени и почестен сум што сум претседател. Функционира прекрасно, речиси секоја земја сака да биде дел од него“, рече Трамп.
Фалејќи ги своите активности на меѓународната сцена, Трамп кажа дека заканите за Европа, Америка и Блиски Исток се намалуваат.
„Пред само една година светот беше во пламен, иако многумина не го знаеја тоа. Војната во Газа се ближи кон крајот и конфликтот сега се состои од мали пожари кои лесно можат да се изгаснат“, кажа Трамп, признавајќи дека војната во Украина се покажала најтешка за решавање.
„И таа војна ќе ја решиме наскоро“, додаде тој.
Претходно беше најавено дека државите кои сакаат постојано, а не тригодишно членство во Одборот треба да уплатат милијарда долари, што ќе бидат употребени за обнова на Газа. Зетот на Трамп, Џаред Кушнер, ги претстави плановите за „Нова Газа“, тврдејќи дека ќе се развива крајбрежен туризам.




