ОДБЕЛЕЖАНА 25-ГОДИШНИНАТА ОД ЗАГИНУВАЊЕТО НА ПОЛИЦАЕЦОТ МОМИР СТОЈАНОВСКИ ПРИ РАКЕТИРАЊЕТО НА ПОЛИЦИСКАТА СТАНИЦА ВО ТЕАРЦЕ ОД ТЕРОРИСТИТЕ ОД ОНА

    ОДБЕЛЕЖАНА 25-ГОДИШНИНАТА ОД ЗАГИНУВАЊЕТО НА ПОЛИЦАЕЦОТ МОМИР СТОЈАНОВСКИ ПРИ РАКЕТИРАЊЕТО НА ПОЛИЦИСКАТА СТАНИЦА ВО ТЕАРЦЕ ОД ТЕРОРИСТИТЕ ОД ОНАНа денешен ден во 2001, терористичка група на т. н. ОНА со ракетен фрлач ја нападна полициската станица. (Фото: СДК.МК)

    Пред старата полициска станица во Теарце денеска на комеморативен собир беше одбележана 25-годишнината од загинувањето на полицаецот Момир Стојановски. На денешен ден во 2001, терористичка група на т. н. ОНА со ракетен фрлач ја нападна полициската станица. Од експлозијата на проектилот загина полицаецот Момир Стојановски, а беа повредени уште тројца полицајци.

    Одбележувајќи ја годишнината, Одборот на бранители, претставници од Министерството за внатрешни работи и од политички партии положија цвеќе пред спомен-плочата со името на загинатиот полицаец Момир Стојановски.

    „После 25 години, ние бранителите се сеќаваме на настанот кога беше извршен терористички напад на полициската станица во Теарце. При нападот животот го загуби полицискиот службеник Момир Санде Стојановски од село Дубровница, Крива Паланка, а беа повредени тројца полициски службеници, што претставуваше најава на војната во 2001 година. Ова место е длабоко врежано во нашата колективна свест. Затоа денес сме тука да се поклониме пред оваа спомен-плоча која нè предупредува и нè потсетува на тоа“, изјави Марин Најдов од Одборот на бранителите на Македонија.

    Од комеморативниот собир беше упатен апел до МВР да ја разгледа доставената Иницијатива од 2011 година од Одборот на бранителите со која се бара спомен-плочата во чест на погинатиот полицаец Момир Стојановски да се постави во новата зграда на полициската станица во Теарце, каде би можело на достоинствен начин да му се оддаде почит на загинатиот браните. Старата полициска станица, каде секоја година се одржува комеморацијата, сега е на приватен имот на кој се наоѓа отпад за автомобили и нема никакви услови за достоинствено одбележување.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира