Вработените во АД Македонски пошти денеска штрајкуваат, не работат со странки, не ја разнесуваат поштата и не работат шалтерите за прием на пратки и за уплата на пари. Причина е што не ја добиле декемвриската плата, иако помина 15 јануари, последниот ден до кога треба да се исплатат платите.
„Бидејќи е пробиен законскиот рок за исплата на плати во Македонска пошта е овој штрајк. Ова е трет или четврти месец како доцни платата. Околу 60 отсто од вработените во Пошта се на минималец. А и тој не може да се земе. Протестот ќе продолжи сè додека не се добие платата. Од наредниот месеци, ако платата не се исплати на 15-ти, на 16-ти ќе прекинеме со работа“, кажа Сашо Димитриевски, претседател на Синдикална организација на Македонска пошта.
Поддршка за протестот добија и од Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ). Во Македонски пошти има две синдикални организации.
Во Велес, вработените половина час беа пред вратите на Пошта, со што го искажаа нивниот револт од неисплатата на платата. Но и натаму не работат со странки, сè додека не биде исплатена.
Од АД Пошта на Северна Македонија во писмено соопштние реагираат дека синдикатот знаел оти платата е обезебедена и штрајкот за нив е политички мотивиран.
„Крајно тенденциозно и несериозно е организирањето на штрајк од страна на еден од Синдикатот на вработените во Македонска пошта, во услови кога за сите вработени платата е веќе обезбедена. Од тие причини веруваме дека штрајкот е политички мотивиран, а вработените се изманипулирани со што се нарушува нормалното функционирање на претпријатието“, соопштија од Македонска пошта.
П. ПЕЧКОВ



