ВО МОМЕНТОВ НЕМА НИКАКВА КАЗНА ЗА ОБОИСТКАТА ПЕТРУШЕВСКА, СУСПЕНДИРАНА Е ПОРАДИ НАРУШУВАЊЕ НА ПРОБА, ПОНАТАМУ ОДЛУЧУВА ДИСЦИПЛИНСКА КОМИСИЈА, ВЕЛИ ДИРЕКТОРОТ НА ОПЕРАТА АРСОВСКИ

    ВО МОМЕНТОВ НЕМА НИКАКВА КАЗНА ЗА ОБОИСТКАТА ПЕТРУШЕВСКА, СУСПЕНДИРАНА Е ПОРАДИ НАРУШУВАЊЕ НА ПРОБА, ПОНАТАМУ ОДЛУЧУВА ДИСЦИПЛИНСКА КОМИСИЈА, ВЕЛИ ДИРЕКТОРОТ НА ОПЕРАТА АРСОВСКИАрсовски рече дека Петрушевска е исклучителен музичар, дека  се куќни пријатели и дека низ годините имало пријави и поплаки за нејзиното однесување на пробите и на претставите. Разговарал со неа, таа се извинувала дека била изнервирана и дека нема да има такви моменти понатаму. (Фото: К. Попов)

    Моментално никој не е казнет и за тоа ќе одлучи Дисциплинската комисија која е одредена од понеделник да го разгледа случајот со обоистката Татијана Петрушевска. Што ќе одлучи Комисијата, јас тоа ќе го поддржам. Не можам да одам против тоа, тоа е законска норма, рече денеска генералниот директор на Националната опера и балет (НОБ) Оливер Арсовски. Вчера Синдикатот на културата на Македонија, а утринава и Петрушевска на прес-конференција пред НОБ, објавија дека Арсовски ја суспендирал од работа, дека има забрана за влез во матичната куќа додека трае дисциплинската постапка против неа и платата ѝ е намалена на 50 отсто.

    Според документите кои ги објави Синдикатот, Петрушевска, која со работна позиција прва обоа е вработена во институцијата повеќе од 30 години, е суспендирана поради конфликт со диригентот-гостин Едуард Амбарцумјан на пробата на 16 јануари за балетот „Мадам Бовари“. Според нив, Петрушевска е суспендирана спротивно на сите законски процедури, без правна основа и со грубо кршење на работничките права.

    Обоистката кажа дека добила правна помош од Синдикатот на културата и од Хелсиншкиот комитет за да ја истера целата процедура со казната е незаконска. Таа додаде дека добила поддршка од уште петмина колеги музичари, кои земале боледување бидејќи се сите вознемирени од инцидентот.

    Арсовски рече дека Петрушевска е исклучителен музичар, дека  се куќни пријатели и дека низ годините имало пријави и поплаки за нејзиното однесување на пробите и на претставите. Разговарал со неа, таа се извинувала дека била изнервирана и дека нема да има такви моменти понатаму. Директорот потенцираше дека објавата на Синдикатот е избрзана и дека за проблемот не е консултиран Синдикатот на НОБ. Додаде дека претседателот на Синдикатот на Оркестарот, Огнен Анастасовски си поднел оставка и не сака да биде дел од случувањата.

    „Јас не смеев да дозволам  да дојде до запирање на пробата и да биде доведено во прашање вечерашното одржување на претставата. Петрушевска го доби решението за суспензија бидејќи го нарушуваше процесот на работа и не можеа колегите да пробуваат, бидејќи се однесуваше агресивно кон диригентот и кон одредени колеги. За да продолжи процесот на работа ние ја остранивме со суспензија. Тука не станува збор за никакви 6 месеци, тоа е лажна информација. Тоа е по закон додека трае постапката дека ќе биде под суспензија. Во моментот кога ќе се состане дисциплинската комисија, тоа ќе биде на 26 или 27 јануари, тие ќе одредат или нема да одредат казна, тогаш ќе ѝ биде симната суспензијата по закон. Со нејзиното влегување во институцијата, сите колеги се вознемирени и не можат да ги одржат пробите и претставите. Не станува збор за казна со отказ, можеби парична, или опомена, но ако и понатаму вака се однесува, и тоа  не е исклучено“, кажа Арсовски.

    Во Комисијата има член на Синдикатот на НОБ, уметничкиот директор на Операта Дејан Стоев и член на Оркестарот.

    Во соооштението од Оркестарот се наведува дека Петрушевска е можеби најдобриот обоист кој работи во Македонија и квалитетот на нејзиното свирење е неспорен и дека се работи за член на оркестарот со повеќе од 30-годишно искуство и неоспорен квалитет во музицирање.

    „Меѓутоа, ние како колектив мора да функционираме како колеги кои пред се мора да се почитуваме и да да функционираме заедно, да не речам дишеме заедно. Е овде доаѓа проблемот. Реагирано е во повеќе наврати од повеќе колеги од оркестарот, од неколку странски диригенти за односот на колешката за време на траење на пробите, па дури и на претстави, меѓутоа заради ‘мир во куќа’ овие проблеми со години беа ставани под тепих. Исто така, мора да се спомене дека диригентот Амбарцумјан е гостин во нашата куќа од 2006 година со диригирани повеќе од 40 претстави и доколку навистина станува збор за човек кој навредува и омаловажува, неговото доаѓање досега ќе беше санкционирано од страна на дирекцијата или оркестарот.
    За жал, еднострано се искористи целата ситуација, и без никаква консултација со сите членови на оркестарот беше објавен текстот на фејсбук профилот од Синдикатот на културата, заедно со целата документација од постапката пред воопшто да почне правната постапка. Ние како членови на оркестарот на МОБ и членови на синдикатот на СКРМ даваме поддршка за завршување на целата правна постапка што е веќе започната“, се вели  меѓудругото во нивниот став.

    Петрушевска во пријавата до Синдикатот вели дека диригентот пред Оркестарот ја обвинил  дека не свири во темпо, во реакција како свесно да сака да влезе во конфликт конкретно со неа.

    „Јас му одговорив дека тоа не е точно и дека ‘јас свирам онака како што вие диригирате’, по што тој изјави дека можел да биде и многу лош и многу добар, но сега ќе бил многу лош и ме повика да ја напуштам просторијата, по што јас побарав објаснување зошто тоа да го направам и дали го прекршив работниот процес. По реакцијата на концерт-мајсторот Јане Бакевски дека не е во ред ова однесување на диригентот, тој ја прекина пробата и демонстративно ја напушти салата. Ова не е прв пат истиот гостинот-диригент Амбарцумјан да таргетира оркестарски уметници, преку саркастичен и цинички забелешки, неретко и со навреди и викање. Ова беше капка која што ја прелеа чашата, и спонтано решивме јас, концерт-мајсторот на пробата Јане Бакевски и првиот фаготист Марјан Милошевски да доставиме пријава за однесувањето на Едуард Амбарцумјан до дирекција уште истиот ден. Накратко откако ја предадовме во архива, речиси пред крај на работно време, добив известување дека имам за подигање документ, а тоа беше решението за суспензија, со наведување на дисциплински престап од потежок карактер“, се вели во пријавата на Петрушевска до Синдикатот на култура.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира