Археолозите во Италија открија остатоци од базилика стара 2000 години, проектирана од пионерот на античката римска архитектура, Витрувиј. Италијанскиот министер за култура, Алесандро Џули, го спореди откритието со пронаоѓањето на гробницата на Тутанкамон, додавајќи дека тоа е „нешто за кое ќе зборуваат нашите внуци“.
Археолошкото богатство беше откриено за време на ископувањата поврзани со обновата на Палатата Андреа Коста, во градот Фано, во регионот Марке, централна Италија. Истражувачите успеале со сигурност да утврдат дека станува збор за дело на Витрувиј откако пронашле столбови кои директно се совпаѓаат со описот на архитектот.
Новоископаната базилика е единствената градба што со сигурност му се припишува на Марко Витрувиј Полион, основоположник на западната архитектура. Делото на Витрувиј „Десет книги за архитектурата“ (De Architectura) е единствениот целосен архитектонски водич што преживеал од антиката и се смета за првата книга за архитектонска теорија. Неговите упатства за класичните пропорции на градбите со векови влијаеле врз уметниците, меѓу кои и Леонардо да Винчи, чиј прочуен цртеж на човечкото тело е познат како Витрувиев човек.
Витрувиј, кој живеел во Фанум Фортунае (денешно Фано) во 1 век пр.н.е., конкретно ја спомнува базиликата во своето значајно дело, опишувајќи ја како величествена јавна градба наменета за спроведување на правдата и деловните активности. Но, со текот на времето, локацијата на објектот била изгубена и станала мистерија. Со векови, научниците и археолозите трагале по нејзини траги.
„Повеќе од 2000 години го чекавме ова откритие“, изјави градоначалникот на Фано Лука Серфилипи на презентацијата на наодот.
„Во Фано беше откриен еден темелен дел од мозаикот што го чува најдлабокиот идентитет на нашата земја. Историјата на археологијата и истражувањата сега се дели на пред и по ова откритие“, додаде министерот Џули на прес-конференцијата.
Истражувањата на градилиштето ќе продолжат за да се утврди колку уште делови од базиликата може да бидат откриени и дали локацијата ќе биде отворена за јавноста.



