Демократите побараа федералните службеници за имиграција да ја напуштат Минесота откако агент на американската гранична патрола уби маж во Минеаполис, по што стотици демонстранти излегоа на студените улици и се зголеија тензиите во градот кој веќе беше потресен од уште едно убиство со застрелување пред неколку недели. Членовите на семејството го идентификуваа убиениот маж како Алекс Прети, 37-годишен болничар на оддел за интензивна нега, кој протестираше против имиграциските мерки на претседателот Доналд Трамп во неговиот град. По убиството, се собра лута толпа, а демонстрантите се судрија со федералните службеници, кои дејствуваа со палки и испукаа солзавец.

Убиен е Алекс Прети, 37-годишен болничар на оддел за интензивна нега, кој протестираше против имиграциските мерки на претседателот Доналд Трамп во неговиот град, а бил и законски сопственик на оружје без криминално досие. (Фото: АП)
Националната гарда на Минесота ѝ помагаше на локалната полиција по налог на гувернерот Тим Волц, соопштија официјални лица. Војници на гардата беа испратени и на местото на пукањето и на федералната зграда каде што полицајците секојдневно се соочуваат со демонстрантите. Информациите за тоа што довело до пукањето се ограничени, изјави шефот на полицијата Брајан О’Хара. О’Хара рече дека Прети бил законски сопственик на оружје без криминално досие.
Портпаролката на Министерството за внатрешна безбедност, Триша Меклафлин, изјави дека федералните полицајци спроведувале операција и испукале „одбранбени истрели“ откако маж со пиштол им се приближил и „силно се спротивставил“ кога се обиделе да го разоружаат. Сепак, ова тврдење е директно оспорено од видео снимки и изјави на очевидци кои сугерираат дека жртвата држела мобилен телефон и се обидувала да помогне на друго лице пред да биде соборена. Анализата на снимките покажува хаотична ситуација каде што еден агент извикува дека го има пиштолот пред да продолжат истрелите, што отвора сериозни прашања за употребата на смртоносна сила врз веќе разоружано лице. Полицаецот што го застрелал е ветеран од со осумгодишен стаж во граничната патрола, соопштија федералните власти.
Инцидентот предизвика моментален и остар конфликт помеѓу федералната администрација и локалните лидери. Претседателот Доналд Трамп, преку платформата Трут соушал ги обвини гувернерот на Минесота, Тим Волц, и градоначалникот на Минеаполис, Џејкоб Фреј, за „поттикнување бунт“ и ја бранеше акцијата на федералните „патриоти“. Од друга страна, Волц и Фреј побараа итно повлекување на федералните сили, нарекувајќи го нивното присуство извор на хаос и насилство.
Семејството на Прети синоќа објави соопштение во кое се вели дека се „со скршено срце, но и многу лути“ и го нарекуваат добродушна душа која сакала да направи промена во светот преку својата работа како болничар. Идентификацијата на Алекс Прети како почитуван здравствениот работник и поранешен истражувач на Универзитетот во Минесота предизвика бран на емотивни реакции и протести. Фактот што жртвата е американски државјанин, а не цел на имиграциска истрага, ја зголемува загриженоста кај јавноста дека агресивните тактики на Граничната патрола и ICE претставуваат закана за пошироката популација, а не само за илегалните имигранти. Активирањето на Националната гарда од страна на гувернерот Волц е обид да се врати редот, но истовремено симболизира целосен колапс на довербата во федералните институции.



