Млад мотоциклист е прогласен за виновен и парично казнет во Основниот суд во Велес, откако неовластено влегол и фотографирал воен објект на врвот Солунска Глава, на надморска височина од 2.540 метри. Основниот суд Велес му изрече парична казна во износ од 300 евра, во денарска противвредност.
Според пресудата, на 12 јуни минатата година, обвинетиот со крос-мотор се искачил на врвот, каде што се наоѓа воен објект во сопственост на Армијата (АРМ). И покрај јасно истакнатата забрана за пристап и фотографирање, тој се движел во близина на базата и со мобилен телефон снимил фотографии и видеоснимки од воениот објект. Откако забележал дека станува збор за воена база, обвинетиот продолжил со фотографирање, а снимените содржини подоцна ги објавил на социјалната мрежа ТикТок.
Судот утврдил дека тој го сторил кривичното дело Неовластено влегување во воени објекти и правење слики или цртежи на воени објекти и борбени средства.
П. ПЕЧКОВ



