Доналд Трамп го повика Иран да седне на преговарачка маса и да склучи договор за нуклеарно оружје или следниот американски напад би можел да биде многу полош.
„Се надевам дека Иран брзо ќе дојде на преговарачка маса и ќе преговара за правичен договор, без нуклеарно оружје. Времето истекува и е од суштинско значење“, напиша Трамп на својата социјална мрежа Трут соушл.
Трамп, кој ги повлече САД од мултинационалниот нуклеарен договор со Иран од 2015 за време на неговиот прв мандат во Белата куќа, истакна дека неговото последно предупредување до Техеран било проследено со воен удар.
„Следниот напад ќе биде далеку полош. Не дозволете да се случи тоа. Уште една армада се движи кон Иран“, рече Трамп.
Иранскиот министер за надворешни работи Абас Аракчи кажа дека не бил во контакт со американскиот специјален пратеник Стив Виткоф во изминатите денови, ниту, пак, побарал преговори.
Трамп се закануваше дека ќе го нападне Иран поради бруталното задушување на антивладините протести, во кои загинаа над 6.000 луѓе. Американскиот носач на авиони „Абрахам Линколн“ е веќе распореден на Блиски Исток, потврди Централната команда на американската војска, откако Трамп минатата недела најави дека голема американска поморска флота се движи кон Иран.
„Имаме огромна флота што се движи во таа насока, но можеби нема да мора да ја користиме. Ќе видиме“, рече Трамп.



