Во отсуство на тужениот Драган Павловиќ-Латас, во Граѓанскиот суд почна парницата за клевета и навреда по тужба на обвинителката Ленче Ристоска, за која тој напиша дека зела 100.000 евра од СЈО и оти немала стаж за да се кандидира за наш судија во Судот за човекови права во Стразбур.
Ристоска кажа дека причината поради која дојде до судска постапка е околноста што не добила извинување од страна на тужениот Павловиќ, туку напротив, продолжил со сè поголеми навреди и клевети против неа.
„Тоа ја докажува намерата на тужениот со неговото делување да нанесе штета на мојот професионален углед и на мојата чест. Од мај до декември 2025 година тужениот има објавени три таргетирани објави полни со клевети и навреди достапни до јавноста, кои генерираат коментари кои придонесоа на штета на мојот професионален углед. Наративот што тој го користеше, подоцна го прифати и Владата и не ја прифати листата на кандидати за судија во Стразбур, туку усвои нов предлог на кандидати. Во новиот предлог, еден од кандидатите е истиот што беше со мене, што упатува на тоа дека клеветите дале резултат за моја неподобност и е настапена штетна последица за која говорам во тужбата”, зборуваше Ристоска во судот.
Ристоска бара од Павловиќ отштета од 600.000 денари.
„Мојата цел не е да се збогатам, туку износот кој го барам на име штета сметам дека е пропорционален и неопходен за тужениот во иднина како новинар почне да известува објективно, чистејќи го својот вокабулар од клевети и навреди“, вели обвинителката.
„И во јануари 2026 година имаше таргетирана објава во која користеше навредливи зборови: ’Дно стручно и човечко, зомби-карикатура’ и друго… И за ваквите навреди побарав извинување, но тужениот остана на намерата за моја лична дискредитација”, додаде Ристоска.
Таа потенцираше дека во конкретниов случај, Павловиќ има и личен бенефит од изнесувањето на таквите клевети против неа.
„Го известувам судот дека преку мене подолг период се води политичка кампања од ВМРО-ДПМНЕ, но токму од оваа партија зетот на тужениот е предложен за државна функција со плата од 3.000 евра, месец дена по неговата објава против мене. Подоцна партијата го изгласа, го избра зетот на тужениот за член на Советот за аудиовизуелни медиуми, каде платата на секој член изнесува 4 просечни плати. Оттука сметам дека тужениот имал и личен и финансиски бенефит со мојата лична дискредитација”, кажа Ристоска дека објавите против неа Павловиќ ги пишувал за финансиска корист.
Насловот на тужбата е неговата објава дека Агенцијата за борба против корупција утврдила дека обвинителката Ристоска неовластено зела 100.000 евра во СЈО. Втората клевета од него е дека Ристоска немала доволно стаж за да биде кандидат во Европскиот суд за човекови права.
Адвокатката на Павловиќ се повика на извештај од Државниот завод за ревизија кој го контролираше и финансиското работење на СЈО. Кажа дека Павловиќ кога рекол оти ја зела таа сума, мислел на ДЗР, а не на Антикорупциската комисија.
„Треба 12 години работно искуство како адвокат, судија, обвинител, активист во невладин сектор, или универзитетски професор. Од увидот во Агенцијата за вработување може лесно да утврди судот дека во момент на објавата на тужениот, таа немала вкупно 12 години работен стаж. Тоа што работела како административка во Управниот суд, не е стаж според условите во огласот за судија во Стразбур”, рече адвокатката на тужениот Павловиќ.
За неа, Ристоска не котира високо во Обвинителството, бидејќи, како што рече, таа е само основен јавен обвинител и прв обвинител од Македонија во Стразбур, „именувана без оглас”.
Таа смета дека на Ристоска не ѝ е нанесена штета, не ѝ е ускратено правото да конкурира кај сака, а доказ за тоа е дека деновиве конкурирала за Државен јавен обвинител.
Потоа ја навреди, велејќи дека прави болна инсинуација. Судијката праша дали може без тоа „болна”.
Адвокатката одговори: „Не”.
Потоа рече дека обвинителката Ленче Ристоска „воопшто не поседува морален кредибилитет”.
Адвокатката на Ристоска потсети дека нејзината клиентка работела и како адвокат и оти е тажно што спротивната страна не го признава стажот од својата фела.
Но, во еден момент таа ѝ се развика на обвинителката Ристоска.
„Што ме гледаш така! Што ме гледаш како стокер (демнач)! Последен пат те предупредувам, не ме гледај во очи!”, викаше на цел глас адвокатката на Павловиќ.
Парницата продолжува во мај.
С. К. ДЕЛЕВСКА



