Советникот за национална безбедност на словачкиот премиер Роберт Фицо, Мирослав Лајчак, поднесе оставка откако во јавноста излегоа документи од американското Министерство за правда кои откриваат негова комуникација со починатиот сексуален престапник Џефри Епстин. Премиерот Роберт Фицо соопшти дека ја прифатил неговата одлука, иако го опиша Лајчак како голем извор на искуство во надворешната политика.
Оставката доаѓа по објавувањето на три милиони фајлови поврзани со влијателниот финансиер Епстин. Иако документите не докажуваат кривично дело, тие отворија нови прашања за сите кои соработувале со него. Во преписките од 2018 година, кога Лајчак беше министер за надворешни работи, тој и Епстин разговараат за жени и за претстојна средба со шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров.
Во пораките, Епстин му пишува на Лајчак да побара од Лавров маица со ликовите на рускиот министер и на починатиот амбасадор Виталиј Чуркин. Епстин во разговорот му вели на Лајчак дека прво треба да ја обезбеди маицата, па потоа ќе ги добие девојките, на што тогашниот словачки министер одговара со потврдно согласување. Дополнително, во електронска пошта од 2017 година, Лајчак го замолил Епстин да ѝ помогне на една филмска продуцентка нејзиниот филм да се најде на листата за Оскар.
Лајчак најпрво негираше дека со Епстин разговарал за жени, но подоцна изјави дека заминува од функцијата за да избегне нанесување политичка штета на премиерот. Фицо ја оцени јавната осуда како лицемерие и изјави дека случајот е директен напад врз него.
Мирослав Лајчак е долгогодишен дипломат кој беше дел од четири словачки влади, а во изминатиот период ја вршеше функцијата специјален претставник на Европската Унија за Западен Балкан. Тој е еден од многуте високопрофилни личности, како Илон Маск, Бил Гејтс и принцот Ендрју, чии имиња и контакти се појавија во новите објавени документи за Епстин.



