Петре Шилегов, адвокат на Шофкет Хајдари, поранешен советник во Министерството за економија, денеска на судењето за пожарот во диското „Пулс” во Кочани на 16 март лани кога загинаа 63 млади луѓе, а 230 беа повредени, побара од Обвинителството во конкретниот предмет да ги преиспита своите наводи и да ја запре постапката за дел од обвинетите кои се товарат за тешки дела против општата сигурност.
Шилегов одамна тврди дека на неговиот клиент не може да му се става на товар ова дело бидејќи ниту ја внел, ниту ја запалил пиротехниката, ни пак на каков било начин дал придонес за да избувне пожарот и да загинат толку многу луѓе.
Побара и ОЈО Кочани да ја употреби логиката на ОЈО за организиран криминал и корупција, кое од три поднесени обвиненија, само едно е за тешки дела против општата сигурност, потсетувајќи дека за 7 полицајци е запрена постапката за тоа дело.
„Мора да се води сметка за економичност на постапката. Едно наше појавување на рочиште по адвокатска тарифа чини 28.000 денари. Поминаа 10-тина рочишта, закажано се наредни 17, ќе има и уште. Со ова кривично дело на товар, ќе бидат ослободени многу од обвинетите. А кога ќе се додадат и обесштетувањата од времето поминато во притвор што ќе си го бараат овие обвинети, граѓаните ќе треба да им плаќаат огромни отштети”, предупреди Шилегов.
С. К. ДЕЛЕВСКА



