Бившиот американски претседател Бил Клинтон и неговата сопруга Хилари се согласија да сведочат во конгресната истрага за покојниот сексуален престапник и педофил Џефри Епстин. Ова следува неколку дена пред гласањето дали тие да бидат обвинети за непочитување на законот поради одбивањето да се појават пред Надзорниот комитет на Претставничкиот дом.
Бил Клинтон се дружел со Епстин, но негираше дека знаел за неговите злосторства и тврди дека ги прекинал контактите со него пред две децении. Не е познато кога ќе се одржат сведочењата, но тоа ќе биде првпат поранешен американски претседател да сведочи пред конгресен панел по Џералд Форд во 1983 година.
„Тие ви кажаа под заклетва што знаат, но не ви е гајле. Но, поранешниот претседател и поранешната државна секретарка ќе бидат таму. Тие со нетрпение очекуваат да постават преседан што ќе важи за сите“, кажа заменик-шефот на кабинетот на Бил Клинтон, Анхел Урења.
Бил и Хилари Клинтон претходно рекоа дека веќе му доставиле на комитетот изјави под заклетва и „ограничените информации“ што ги имале за Епстин. Тие ги отфрлија сведочењата како „обид да се посрамотат политичките ривали, како што нареди Трамп“.
Бил Клинтон никогаш не бил обвинет од жртвите на Епстин дека сторил нешто лошо. Дневниците за приватниот авион на Епстин покажуваат дека Клинтон бил не четири меѓународни лета во 2002 и 2003. Тој се појавува на неколку фотографии од истрагата за Епстин што ги објави Конгресот во изминатите месеци.



