Судијата од Апелација Скопје Ѓоко Ристов, како известител за предметот за смртта на родилката Маја Кадиева и нејзиното бебе три години го чувал случајот во фиока по жалба. Малку требаше токму поради тоа да застари. Димитрие Кадиев, сопругот на Маја, кој 10 години ја чекаше правдата, разочарано вели дека на судијата Ристов, кој е под истрага и во куќен притвор откако Обвинителството и МВР му најдоа соѕидани во ѕид 350.000 евра со непознато и прикриено потекло, му се бројат делата со големите и значајни имиња, но не и тие за обичните граѓани.
„Јавно прашувам колку чинеше чување на предметот во фиока три години, со јасна намера да застари. Неговото име, на судијата Ристов, трговец на човечки судбини, се поврзува со многу долги судење и многу звучни имиња. А ова за мојата сопруга и штотуку роденото бебе кое почина, го заборавија. Слушам имало комисија кој го истражува неговото работење, па нека види каде беше заборавен предметот толку време, како фати пајажина. Имаше совесни судии во Врховен суд па го истуркаа за кратко време, во интерес на починатите. Но не на тројцата починати од четворицата обвинети, туку за мојата Маја и бебето“, кажа Кадиев.
Судењето за смртта на Маја Кадиева и нејзиното бебе траеше десет години, Апелација го враќаше два пати, од кој вториот пат за да биде разгледан по жалба од велешкото обвинителство, по донесена првостепена пресуда од 19 март 2020. Апелација Скопје седница се одржа на 23 мај 2023. Осудуван беше анестезиологот кој ја породувал Кадиева во алкохолизирана состојба, а во текот на судскиот процес почина. Почина во фаза на истрага на овој предмет и уште еден анестезиолог. Двајцата гинеколози во два наврати беа ослободувани, се додека делото не стаса во Врховен суд кога едниот од нив доби 10 месеци затвор, ама неколку дена подоцна почина, додека вториот гинеколог остана со условна затворска казна.
П. ПЕЧКОВ



