Јавното обвинителство на Македонија, врз основа на повеќе објавени информации во медиумите, оформи предмет по допрен глас поради наводите од објавените документи во случајот за починатиот сексуален престапник Џефри Епстин кои упатуваат дека примероци од мозоци на починати лица од државава наводно биле транспортирани за научно-истражувачки цели во САД.
Ќе се испитува дали таа процедура е усогласена со законските и етичките стандарди за експерименти со човечки ткива и примероци и ќе се бараат согласностите од семејствата за вадење и за користење на мозоците на нивните починати блиски, за научно-истражувачки цели.
„Имајќи ја во вид природата на наводите, кои вклучуваат обработка, замрзнување и меѓународен транспорт на човечки ткива, како и евентуални прашања за усогласеноста со законските и етичките стандарди за експерименти со човечки ткива и примероци, Јавното обвинителство оформи предмет со цел да ги испита сите индиции за евентуално постоење на елементи на кривично дело кое се гони по службена должност“, велат од обвинителството.
Предметот е доставен на надлежно постапување на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.
„ОЈО за организиран криминал треба да преземе дејствија на прибирање официјални информации од надлежните органи, институции и здравствени установи, во насока на утврдување на евентуално нелегално постапување со човечки ткива и биоматеријали, пропусти или злоупотреби при добивање дозволи и согласности“, вели Обвинителството.
Министерството за здравство претходно соопшти дека нема директни надлежности во спроведувањето на научно-истражувачката дејност, во врска со актуелната тема во јавноста за научната студија со мозочни примероци меѓу Институтот за судска медицина и МАНУ.
Од Медицинскиот факултет велат дека научно-истражувачката работа со биолошки материјал кој содржи генетски карактеристики е предмет на ригорозно нормативно регулирање. Овие процеси се уредени со Законот за научно-истражувачка дејност, Правилникот за клинички испитувања и посебни упатства за транспорт и пакување на биолошки материјали. Обврската за чување на документацијата во периодот на истражувањето била 15 години, а од 2018 година е зголемена на 25 години.
Според Министерството за здравство, постапката за транспорт на ткива во тој период вклучувала обезбедување информирана согласност од семејството, по што следувала одлука од Етичката комисија за истражување кај луѓе. Целиот процес завршувал со дозвола за извоз од тогашното Биро за лекови, каде децидно се наведувало дека материјалот се користи исклучиво за научно-истражувачки цели.
Оттаму додаваат дека за извоз на вакви материјали, неопходно е научните институции од земјава и странство да имаат склучено формален меморандум. Со овој договор се прецизираат протоколите за третман на материјалот, начинот на земање и транспорт, како и причините за спроведување на истражувањето согласно законската рамка.
С. К. ДЕЛЕВСКА



