НЕМАМЕ ШКОЛО, НО ГИ ПОЗНАВАМЕ СООБРАЌАЈНИТЕ ЗНАЦИ, ПРОТЕСТИРАА РОМИТЕ ВО БИТОЛА, БАРААТ ДА ИМ СЕ ВРАТАТ КОЛИТЕ И ДА ДОБИЈАТ ДОЗВОЛИ БЕЗ ПОЛАГАЊЕ ИСПИТ

    НЕМАМЕ ШКОЛО, НО ГИ ПОЗНАВАМЕ СООБРАЌАЈНИТЕ ЗНАЦИ, ПРОТЕСТИРАА РОМИТЕ ВО БИТОЛА, БАРААТ ДА ИМ СЕ ВРАТАТ КОЛИТЕ И ДА ДОБИЈАТ ДОЗВОЛИ БЕЗ ПОЛАГАЊЕ ИСПИТСтанува збор главно за жители на битолската населба Баир, од кои дел се во социјален ризик или се лица без документи. (Фото: СДК.МК)

    Ние на нашата држава ѝ требаме само кога има избори, тогаш нè посетуваат , каде се сега да дојдат, прашаа Ромите од Битола кои денес продолжија со протести пред Полицијата, барајќи да се направат измени во Законот за безбедност во сообраќајот. Тие протестираат веќе втор ден, откако полиција им одзеде возила кога ги затекна дека возат без возачки дозволи. Ромите бараат да им се вратат колите и државата да најде начин да возат без да полагаат возачки испит.

    Станува збор главно за жители на битолската населба Баир, од кои дел се во социјален ризик или се лица без документи.

    „Државата е во право, не велам не. Но, нека размисли малку што направи таа за нас. До вчера дел од Ромите крадеа, веќе 7-8 години нема толку кражби во Македонија оти работиме. Со колите одиме по старо железо, пластика, се возиме со наши таксисти оти вашите не нè прибираат. Барам од Владата и од претседателката да се смени законот. Иако немам школо, јас сум возачката зашто јас ја возам колата. Ако не знаеме да читаме, знаеме знаци и да возиме. Ни еден од нашите од Битола никогаш нема згазнато некое лице“, рече Суљеман Љатиф, дел од групата која протестираше во Битола.

    На протестот тие се пожалија и на дискриминација и на лоши услови за живот.

    „Побараа регистрација, ај децата регистрираа. Кај да најдат сега над 1.000 евра за да положат возачка, не се писмени. Досега ги запираа, ќе ги казнеа и ќе си платеа. А каде и да учат? Видовте во Прилеп што се случува, Македонец не сака децата да му учат со Роми, е како нашето дете ќе се школува? Кај што живееме немаме вода и канализација, ние на нашата држава ѝ требаме само кога има избори, тогаш не посетуваат, каде се сега да дојдат,“ рече Ајнет Мемишовска.

    Полицијата при сообраќајна контрола деновиве одзеде возила од лица кои ги затекна како возат без возачки дозволи и рече дека против возачите ќе бидат поднесени пријави по член 297-а од Кривичниот законик за Безобѕирно управување со моторно возило. По ова, на повеќе места низ државата, меѓу кои и во Кочанско, вчеравечер се одржаа протести, претежно од ромското население. Во Битола протестите започнаа со палење на смет и блокада на магистралниот пат Битола-Охрид, а потоа се протестираше и пред институциите низ градот.

    Денеска премиерот Христијан Мицкоски рече дека од полицијата побарал жесток одговор за секој што го прекршил законот, се заканувал или го загрозил јавниот ред и мир.

    „Разговарав утрово со министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и она коешто го побарав од него е оној што го прекршил законот, се заканувал, јавно упатил закани, го загрозил мирот и безбедноста на граѓаните жестоко да се одговори. Ќе биде одговорено жестоко за да не се повтори тоа дивеење од вчера што се случи“, рече Мицкоски.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира