„Вашингтон пост“, кој е во сопственост на милијардерот Џеф Безос, започна со масовни отпуштања, со кои драстично ќе се намали големината на славниот весник и ќе бидат погодени сите оддели. Според портпаролот на весникот, кратењата ќе погодат една третина од сите вработени, додавајќи дека редакцијата ќе остане без стотици луѓе. Ќе се укине спортската рубрика, неколку странски дописништва и рубриката за книги, во голема чистка што претставува брутален удар врз новинарството и еден од неговите најлегендарни брендови.
Извршниот уредник Мет Мареј ги известил вработените за одлуката, која следува само неколку дена откако весникот основан во 1877 година го намали обемот на покривањето на претстојните Зимски олимписки игри во Милано и Кортина.
„Предолго работевме со структура која е премногу вкоренета во деновите кога бевме квазимонополски локален весник. Ни требаат нов пат напред и поцврста основа“, рече Мареј.
Еден новинар на „Пост“ ги опиша отпуштањата како „масакр“.
„Вашингтон пост“ се соочува со големи промени во читателската публика и приходите. И други големи градски весници, како што е „Лос Анџелес тајмс“, се мачат бидејќи потрошувачите се свртуваат кон социјалните мрежи како главен извор на вести.
Безос го купи весникот во 2013 година за 250 милиони долари. „Вашингтон пост“ минатата година направи промени во неколку деловни функции и најави намалување на работните места, велејќи дека тоа нема да влијае на неговата редакција. Весникот понуди пакети за доброволно отпуштање на вработените во 2023 година поради загуби од 100 милиони долари.



