Претседателот Ѓорге Иванов ја откажа посетата на Австралија поради политичката состојба во земјата и тензиите меѓу Европската унија и Турција, соопштија од неговиот кабинет за државната новинска агенција МИА.
Од кабинетот на Иванов за МИА велат дека нема да биде реализирана на Австралија, каде, како што велат од неговиот кабинет, тој требало да има средби со државниот врв на Австралија, со претставници на македонско-австралиската група за пријателство во парламентот на Австралија, како и со претставници на македонската заедница. Како причини за откажувањето се наведени политичката состојба во земјата и тензиите меѓу Европската Унија и Турција за прекин на договорот за мигрантите.
Од кабинетот на македонскиот претседател не одговорија на нашето прашање од 14 март дали Иванов по Азербејџан ќе замине за Австралија, откако дел од медиумите неофицијално објавија дека тој ќе престојува таму од 24 март до 4 април.
Иванов замина за Азербејџан среде длабока политичка и институционална криза, која ја предизвика тој со недавањето на мандатот за формирање влада на лидерот на СДСМ Зоран Заев, кој собра 67 потписи од пратеници во парламентот. Иванов го оправда својот потег, обвинувајќи го Заев дека преговара за платформа правена во Албанија.
Домаќин на Глобалниот форум е азербејџанскиот претседател Илхам Алиев, кој минатиот месец ја назначи сопругата Мехрибан Алиева за потпретседател. Алиев владее со Азербејџан од 2003 година, кога го наследи татка си Хејдар.