ВЕНС И ИЗРАЕЛ ИСВИРКАНИ НА ОТВОРАЊЕТО НА ЗИМСКАТА ОЛИМПИЈАДА ВО МИЛАНО И КОРТИНА

    ВЕНС И ИЗРАЕЛ ИСВИРКАНИ НА ОТВОРАЊЕТО НА ЗИМСКАТА ОЛИМПИЈАДА ВО МИЛАНО И КОРТИНАНа Портата на мирот во Милано беше запален еден од двата олимписки котла (Фото: АП)

    Политичките тензии избија на површина на отворањето на Зимските олимписки игри во Милано и Кортина откако публиката ги исвирка американскиот потпретседател Џеј-Ди Венс и израелскиот тим.

    Церемонијата беше поделена на четири локации, при што стадионот „Сан Сиро“ во Милано беше главното место, но настани имаше и во Кортина, Ливињо и Предацо.

    Во публиката на „Сан Сиро“ беа и Венс и американскиот државен секретар Марко Рубио. Публиката реагираше со неодобрување кога на екранот беше прикажан Венс како мавта со американско знаменце.

    И најавата на израелскиот тим беше проследена со свирежи од дел од публиката.

    Церемонијата беше поделена на четири локации, при што стадионот „Сан Сиро“ во Милано беше главното место (Фото: АП)

    Пред парадата на олимпијците, креативниот директор Марко Балич кажа дека шоуто е засновано врз принципот на хармонија со наратив насочен кон обединување територии, луѓе и вредности. Претседателката на Меѓународниот олимписки комитет Кирсти Ковентри изјави дека Игрите би требало да ги зближуваат луѓето.

    Нека овие Игри бидат прослава на она што нè обединува, на сè што нè прави луѓе. Ова е магијата на Олимписките игри: да нè инспирираат сите да бидеме најдобри што можеме, заедно“, рече таа.

    Првпат во олимписката историја беа запалени два олимписка котла, на Портата на мирот во Милано и на плоштадот Дибона во Кортина, за што честа им припадна на италијанските скијачки легенди Алберто Томба и Дебора Компањони во Милано и на Софија Гоџа во Кортина.

    Во музичкиот дел настапија Мараја Кери и Андреа Бочели, а имаше и посебна посвета на покојниот моден дизајнер Џорџо Армани.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира