Од 1 април авиокомапнијата „Визер’ го укинува летот од Скопје до Лион. Последниот лет е закажан за 28 март, по што за помалку од една година унгарската нискобуџетна компанија ја прекинува оваа авиолинија.
Летовите меѓу Скопје и Лион почнаа лани на 3 мај, заедно со летовите до Барселона. Двете нови авиолинии беа воведени во рамките на повикот на Владата за субвенционирање летови од двата македонски аеродрома. Компанијата добива субвенција од 9 евра по патник на доаѓање на Скопскиот аеродром.
Беше најавено дека oд Скопје до Лион ќе се лета трипати неделно, односно во вторник, четврток и недела, но сега летови има двапати неделно, во вторник и сабота.
„Визер“ ќе продолжи да го опслужува францускиот пазар од Скопје преку својата постојна линија до Париз (Буве).
Во 2024, унгарската авиокомпанија со почетокот на зимската сезона на летање ги укина летовите до Келн, Копенхаген и Стокхолм-Скавста, после Божиќ летот до Бремен, а во април беше прекината и продажбата на билети за Салцбург. Луксембург беше укинат кон средината на јануари лани после само два месеца летање.
А. АНТЕВСКА



