Володимир Зеленски изјави дека Вашингтон сака војната во Украина да заврши до јуни, додавајќи дека двете страни се поканети во САД на разговори следната недела.
„Америка првпат предложи двата преговарачки тима, Украина и Русија, да се сретнат во САД за една недела, веројатно во Мајами. Ние го потврдивме нашето учество“, рече тој.
Досега нема коментар од Вашингтон и Москва, но Доналд Трамп силно се залага за крај на конфликтот откако се врати во Белата куќа пред повеќе од една година.
САД, Русија и Украина ја имаа втората трилатерална средба во Абу Даби оваа недела, без да постигнат напредок.
„Тешките прашања остануваат тешки, вклучувајќи ги територијалните отстапки што Украина е под притисок да ги направи. Украина останува на својот став за Донбас и го поддржува моделот за запирање на војната на сегашните линии на фронтот. Првпат се разговараше за можноста за трилатерален состанок на лидерите, а не само на претставниците на трите држави, но за ова е потребна голема подготвка“, кажа Зеленски.
Тој изрази скепса околу предлогот на САД за претворање на Донбас во слободна економска зона.
Запрашан дали е даден временски рок за договор, украинскиот лидер одговори:
„Американците велат дека сакаат сè да заврши до јуни и веројатно ќе извршат притисок врз страните за ова. Зошто пред ова лето? Разбираме дека домашните прашања во САД ќе имаат влијание“, рече Зеленски, без да објасни за што станува збор.
Тој кажа дека Русија им презентирала на САД економски предлог од 12 трилиони долари, наречен „пакетот на Дмитриев“, според рускиот специјален пратеник Кирил Дмитриев. Зеленски го опиша пакетот како обемна економска соработка помеѓу двете земји.



