Како може хотел со 20 соби да биде објект од државно значење што се предвидува со измените на Законот за урбанистичко планирање, рекоа на денешната стручна расправа урбанистите и граѓанските иницијативи. Министерството за транспорт и врски предложи нови измени на Законот за урбанистичко планирање со кои хотели и хотелски комплекси со површина над 1.000 метри квадратни, освен градски хотели, се прогласуваат за објекти од државно значење. Образложението од Министерството е дека овие измени се прават со цел развој на туризмот, но не во градски средини туку надвор од населни места.
Присутните претставници од Комората на овластени архитекти и инженери и од граѓанската иницијатива О2 рекоа дека ова ново решение не е добро и остава простор за сомнежи.
„Оваа измена е уназадување на Законот. Па 1.000 квадрати може да биде и една куќу за индивидуално домување. Хотел со 20 соби не е објект од државен интерес. Да беше над 10.000 кавдратни метри ќе имаше некаква логика, иако и таа површина е мала за вистински хотелски комплекс кој ќе придонесе за развој на туризмот, како што велите вие. Кој ќе ги издава дозволите? За објекти од државно значење дозволите ги дава државата, но хотелите се категорија Б и тие се под надлежност на Општините. Значи треба да им ја смените и категоријата“, рекоа претставниците од Комората на овластени архитекти и инженери.
Од Граѓанската иницијатива О2 и од „Независни за Карпош“ рекоа дека овој закон отвара простор да се градат хотели без носење на Детален урбанистички план (ДУП).
„Ако велите дека ова ќе важи само за подрачја надвор од градски средини, тогаш зошто тоа не е наведено во измените? Во точката 19 која се додава во Законот, стои ‘хотели и хотелски комплекси со површина над 1.000 метри кавдратни освен градски хотели‘. Какви се тие градски хотели, таква категоризација нигде нема. Исто така, сега ќе може да се градат хотели без јавна анкета, граѓаните не ќе можат да ги кажат своите забелешки“, рече Татјана Чакулев, советничка од „Независни за Карпош“ во Советот на Општина Карпош.
Татјана Стојановска, советничка во Општина Карпош од „Независни за Карпош“ , рече оваа измена отвара сомнежи дека се подготвуваат градби на кејот во Карпош.
Стојановска и Чакулев се членки на О2 Иницијативата.
„Ова прашање е од исклучителна важност, особено по посетата на милјардерот Мохамед Алабар на земјава, кој го изгради ‘Белград на вода‘. Менување на закони и правилници за остварување на приватни бизнис интереси, под наметка на државен интерес, заобиколувајќи ги веќе уредените постапки за изградба на хотели и хотелски комплекси, исклучувајќи ја јавноста, е рушење на ионака кревките правила во урбанизмот каде и што може да се гради, отворајќи врата за силување на просторот, наметнувајќи градби онаму каде не им е место, со неможност на локалното население да влијае врз одлуката“, велат од О2 Иницијатива.
А. АНТЕВСКА



