МАКЕДОНСКИТЕ ГРАЃАНИ ЌЕ ВИДАТ КОНКРЕТНА КОРИСТ ОД ПАРТНЕРСТВОТО СО ВЕЛИКА БРИТАНИЈА, ЌЕ СЕ ГРАДАТ ПРУГИ И БОЛНИЦИ – ПОДКАСТ СО АМБАСАДОРОТ МЕТЈУ ЛОСОН

    МАКЕДОНСКИТЕ ГРАЃАНИ ЌЕ ВИДАТ КОНКРЕТНА КОРИСТ ОД ПАРТНЕРСТВОТО СО ВЕЛИКА БРИТАНИЈА, ЌЕ СЕ ГРАДАТ ПРУГИ И БОЛНИЦИ – ПОДКАСТ СО АМБАСАДОРОТ МЕТЈУ ЛОСОНАмбасадорот Лосон е искрен околу визниот режим и вели дека иако лично би сакал да види олеснување, во моментов тоа е малку веројатно. (Фото: принтскрин од подкастот)

    Македонија е најголемиот трговски партнер на Обединетото Кралство во Западниот Балкан, а стратешкото партнерство меѓу двете земји ќе донесе нови инвестиции во инфраструктурата, пред сè во железницата и во здравството. Британскиот амбасадор Метју Лосон во подкастот на САКАМДАКАЖАМ.МК вели дека повеќе од половина од вкупната трговија на неговата земја со шесте држави од Западен Балкан се одвива токму тука.

    Тој кажа дека преку британската агенција за извозно финансирање се поддржуваат стратешки проекти како изградбата на пругата на Коридорот 10 и национална програма за нови болници. Лосон очекува британските компании да бидат тесно вклучени во овие проекти кои ќе донесат конкретни придобивки за граѓаните.

    Кога го правевме интервјуто со амбасадорот Лосон минатата година, тој рече дека следниот пат тој ќе му прави интервју на главниот уредник Горан Михајловски, и тоа на македонски јазик. Ја посети нашата редакција за да ја честита 35-годишнината на колумната „Сакам да кажам“ и 10-тиот роденден на СДК.МК. Амбасадорот Лосон се интересираше за улогата на Обединетото кралство во кариерата на Михајловски кога тој како новинар почетник ги следел клучните настани по прогласувањето на независноста на државата, а Михајловски го прашуваше амбасадорот каква конкретна корист ќе имаат македонските граѓани од стратешкото партнерство меѓу двете држави, за проблемот со мигрантите и за визите.

    Лосон е искрен околу визниот режим и вели дека иако лично би сакал да види олеснување, во моментов тоа е малку веројатно. Причината за ваквата ситуација се големите миграциски притисоци во Велика Британија, поради што британската влада тешко дека ќе го менува глобалниот визен режим во блиска иднина. Сепак, тој додава дека се преземаат чекори процесот за аплицирање да биде што поедноставен за македонските граѓани.

    Како дел од стратешкото партнерство функционира и заедничката работна група за миграција, која се фокусира на борбата против организираниот криминал и трговијата со луѓе преку споделување на разузнавачки информации и полициска соработка.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира