Украинскиот репрезентативец во скелетон Владислав Гераскевич доби забрана за настап на Зимските олимписки игри во Милано и Кортина зашто продолжи да го носи шлемот со отпечатени фотографии од украински спортисти убиени во руската инвазија. Интернационалниот олимписки комитет (ИОК) претходно му порача на Гераскевич дека неговиот шлем не е во согласност со Олимписката повелба и затоа не смее да го носи на олимписките патеки.
И покрај тоа, Гераскевич настапи со истиот шлем на вчерашниот официјален тренинг, велејќи дека верува оти има право да го носи. ИОК кажа дека Гераскевич не покажал желба за никаков компромис.
„ИОК многу сакаше Гераскевич да се натпреварува. Затоа седнавме со него за да побараме најсоодветен начин да им оддаде почит на неговите колеги спортисти кои ги загубија животите во руската инвазија на Украина. Гераскевич може да им оддаде почит носејќи црна лента на ракавот за време на натпреварувањето и може да го покаже својот шлем во други зони, но теренот за игра е свет“, соопшти ИОК.
Дваесет и шестгодишниот Гераскевич го носеше шлемот на првите тренинзи во Кортина, откако претходно вети дека ќе ја искористи Зимската олимпијада како платформа за да се задржи вниманието на војната.
Член 50 од Олимписката повелба не дозволува иикакви демонстрации и политичка, религиозна или расна пропаганда на олимписки локации.



