Сајбер-насилството е присутно секаде, не само кај девојчињата, не само кај младите, туку и кај повозрасните. Потребно е младите да станат свесни за тоа, да знаат да се заштитат оти сајбер-криминалот е во подем. Со технологијата која брзо расте, со вештачката интелигенција треба да се знае што треба да се пласира на медиумите, на социјалните мрежи, а младите да знаат како да ги заштитат своите лични податоци, слики, локации и слично, беше потенцирано на тридневниот камп за сајбер-безбедност во Охрид во организација на Британскиот совет.
На кампот учествуваа над 150 ученички од 9 училишта во државата. Тие споделуваа искуства и успешни сајбер-приказни на теми „Припаѓаме во сајбер-безбедноста“, „Учење преку работа“ и „Сајбер за добро“. Младите жени и девојки покажуваат сѐ поголема свесност за значењето на сајбер-безбедноста имаат зголемена самодоверба, вештини и мрежи за поддршка и се чувствуваат сигурни и инспирирани да изберат кариера во оваа област.
„Целта е да се сподели искуството и доживувањата од клубовите за сајбер-безбедност, моделите на успех, како и да послужи како активност за размена меѓу девојки кои имаат голем интерес за ова поле“, велат од Британскиот совет.

Проектот е финансиран од Британската амбасада, а се реализира во партнерство со Британскиот совет и министерствата за образование и дигитална трансформација. (Фото: СДК. МК)
Програмата е насочена кон зголемување на учеството на жените во работната сила во областа на сајбер-безбедноста но и да поттикне културна трансформација во која родовата разновидност се препознава како предност.
„Живееме во време кога технологијата е составен дел од секојдневието, а податоците се еден од највредните ресурси. Сајбер-криминалот претставува закана за сите нас, а одговорот на тие предизвици е токму сајбер-безбедноста. Таа е мултидимензионална – опфаќа технички, правни, етички и општествени аспекти и истовремено е една од најбрзорастечките области во светот, со голем недостиг на квалификувани професионалци“, кажа Елена Ивановска, државна секретарка во Министерството за образование и наука (МОН).
Според неа, преку овој проект многу девојки и млади жени можат да се охрабрат и да стекнат практични знаења за да бидат рамноправно вклучени во сајбер-заедницата.
„Во овој момент, кога сите сме на напад од сајбер-криминал, мислиме дека правилниот одговор е тукму младите лица да научат што е сајбер-безбедност, пред сѐ да се заштитат самите себе, а и на еден друг начин испраќаме порака до младите, девојки, жени, дека навистина треба да го подигнеме нивното учество, тукму во оваа сфера, каде што можеби некој од овие млади лица ќе се пронајдат во иднина“, вели Ивановска.
Според државната секретарка од Министерство за дигитална трансформација, Гордана Клинчарова, сајбер-безбедноста е темел на економијата, демократијата и секојдневниот живот.
„Дигитализацијата си носи негативни работи, односно напади на лични податоци, напади на лицата преку социалните медиуми, и затоа активно работиме да ги заштитиме граѓаните и нивните податоци, како и фирмите и нивните податоци. Нашата визија, како Министерство за дигитална трансформација, е јасна – дигитализацијата мора да биде безбедна, инклузивна и одговорна. Македонија може и треба да биде регионален пример за тоа како се спојуваат модерни дигитални услуги со силна заштита на податоците и правата на граѓаните“, рече Клинчарова.
Даниел Фајлер, вршител на должност во Британската амбасада, вели дека радува тоа што младите се мотивирани за учество на еден ваков проект.
„Пред сè, овој настан е навистина одличен. Да, има толку многу девојки и жени тука, фокусирани на сајбер-безбедноста, која традиционално е област во која доминираат мажи. Тие работат на тоа да се зајакнат себеси и другите, да се заштитат и да создадат простор што е неопходен за да се изгради функционална област на сајбер безбедност“, вели Фајлер.
Проектот е финансиран од Британската амбасада, а се реализира во партнерство со Британскиот совет и министерствата за образование и дигитална трансформација.
С. ВРЕНЦОВСКА



