Наодите на пет европски држави дека критичарот на Кремљ, Алексеј Навални, бил убиен со отров се загрижувачки и не ги оспоруваме, изјави американскиот државен секретар Марко Рубио. Франција, Германија, Холандија, Шведска и Велика Британија во саботата соопштија дека Русија го отрула Навални со токсин од жаба-отровница, што довело до неговата смрт во казнена колонија пред две години. Москва го отфрли обвинувањето.
„Очигледно сме свесни за извештајот. Тоа е загрижувачки извештај и немаме никаква причина да го доведуваме во прашање“, изјави Рубио.
Запрашан зошто САД не им се придружија на петте земји во изјавата, Рубио рече:
„Тие земји дојдоа до тој заклучок. Тие го координираа тоа. Не значи дека не се согласуваме со исходот“.
Велика Британија, Франција, Германија, Шведска и Холандија изјавија дека анализите на примероците од телото на Навални убедливо го потврдуваат присуството на епибатидин, токсин што го има во жаби-отровници во Јужна Америка и кој природно не се наоѓа во Русија. Руската влада, која постојано негираше каква било одговорност за смртта на Навални, ги отфрли најновите обвинувања како западна пропагандна измама.
Навални почина во арктичка затворска колонија во февруари 2024, каде што служеше казна за екстремизам и други обвиненија.
За време на Минхенската безбедносна конференција, француската министерка за надворешни работи Ивет Купер рече:
„Само руската влада имаше средства, мотив и можност да го употреби овој смртоносен токсин против Алексеј Навални за време на неговиот престој во затвор во Русија“.



