ДОБРО Е ШТО СЕ УКИНА ДИСКРЕЦИОНОТО ПРАВО НА ДИРЕКТОРОТ ЗА ВРАБОТУВАЊА ВО ЗДРАВСТВОТО, НО КОМИСИЈАТА ТРЕБА ДА ЈА БИРА СТРУЧЕН КОЛЕГИУМ, А НЕ ДИРЕКТОРОТ, ВЕЛИ ИНИЦИЈАТИВАТА „ЗАМИСЛИ“

    ДОБРО Е ШТО СЕ УКИНА ДИСКРЕЦИОНОТО ПРАВО НА ДИРЕКТОРОТ ЗА ВРАБОТУВАЊА ВО ЗДРАВСТВОТО, НО КОМИСИЈАТА ТРЕБА ДА ЈА БИРА СТРУЧЕН КОЛЕГИУМ, А НЕ ДИРЕКТОРОТ, ВЕЛИ ИНИЦИЈАТИВАТА „ЗАМИСЛИ“Центарот, преку Граѓанската сила „Замисли“ и заедно со Македонското здружение на млади правници, Клубот на млади лекари и Асоцијацијата на специјализанти и млади лекари, веќе три години работат на измените на Законот. - Од протестите на лекарите во 2019. (Фото: Архивска фотографија)

    Напредок е што Собранието на 11 февруари го донесе Законот за дополнување на Законот за здравствена заштита, со кој се укинува дискреционото право на директорот при вработувања, но тоа не е доволно, потребни се уште измени, вели Никола Димитров од Балканскиот центар за конструктивни политики „Солуција“. Центарот, преку Граѓанската сила „Замисли“ и заедно со Македонското здружение на млади правници, Клубот на млади лекари и Асоцијацијата на специјализанти и млади лекари веќе три години работат на измените на Законот, и како што вели Димитров, работеле со четворица министри за здравство и само актуелниот министер Азир Алиу ги вклучил во работната група.

    Предлог-законот беше поднесен од пратениците на опозициската Левица Димитар Апасиев, Борислав Крмов, Реџеп Исмаил, Јована Мојсоска, Амар Мециновиќ и Сашко Јанчев, а беше изгласан со 70 гласа „за“ и ниту еден „против“ или „воздржан“.

    „Главна новина со дополнувањето на Законот, што се носеше по скратена постапка, е што со него се укинува дискреционото право на директорите на здравствените установи при избор за вработување кадар во јавното здравство. Сега веќе директорот нема дискреционо право и мора да го вработи најдобро рангираниот. Меѓутоа, ранг-листата ја прави комисија составена од директорот. Тоа отвора премногу простор штелувањето да биде во фазата на избор на членови на комисијата. Ние предлагаме Комисијата да ја бира Стручен колегиум — колективно тело од најголемите стручњаци, раководители на одделенија во рамки на здравствената установа. Малку е потешко да се има целосна контрола врз такво колективно тело. Затоа сакаме да апелираме дека работата не е завршена. А опасноста да се направи еден получекор којшто не врши работа до крај, затоа што пак има премногу можности за влијание на еден човек, на директорот, којшто е најчесто поставен од владејачката коалиција. Значи, таа партиско-политичка призма е преприсутна. Ако нема јавен притисок, може да се случи да остане на ова и да се смета темата за завршена, а не е завршена“, рече Димитров.

    Тие ги предложиле нивните измени по повеќе точки до Министерството за за здравство, од каде им рекле дека ќе бидат предложени до Владата, а по усвојувањето во Влада ќе дојдат и тие во собраниска процедура.

    Гоце Коцевски од Здружението на млади правници рече дека само во здравствениот сектор сѐ уште директорот имаше дискреционо право на оглас да вработи кого тој ќе одбере од пријавените кандидати, а не најдобриот од ранг-листата.

    „Значи, нашата првична идеја беше токму тоа што го изгласа Собранието, да се ограничи правото на директорот. Меѓутоа, преку комуникацијата со луѓето кои што се внатре во здравствените установи, произлезе дека со тоа ние ништо не решаваме, туку само ќе се промени начинот на којшто недозволените влијанија и понатаму ќе продолжат. Значи, ако вие немате јасни правила кој може да биде член во таа комисија, кому му одговара таа комисија, многу е очекувано и нормално да се очекува дека директорот ќе си ги избере оние коишто ќе се согласат онака како што тој ќе каже и без никаков проблем ќе се наштелува тој дел. Токму заради тоа, навидум ова изгледа како едноставно решение ‘Го наоѓаме најдобро рангираниот и го вработуваме’. Меѓутоа, кога малку повеќе ќе ‘копаме’, гледаме всушност дека проблемот е малку подлабок. Најпрвин не може било кој да биде член на комисија. Значи мора да има состав каде барем еден од членовите на таа комисија треба да има неопходна или специјализација или стручност за да го оцени кандидатот, независно дали се работи за медицинска сестра или дали се работи за докторот. Имаше разлики во однос на бројот на членови на комисијата, значи имаше одредени разлики. Меѓутоа и таму, вас ви е тоа сè џабе кога на крај одлуката ја носи директорот“, кажа Коцевски.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира