Регионалната депонија „Русино“ денеска доби нова специјална механизација за поуспешно управување со цврст отпад и зајакнување на оперативниот капацитет на депонијата. Механизацијата вредност од 1.114.200 евр се состои од нови компактори, товарачи, трактори со приколки, камиони за транспорт и одложување на сметот. Депонијата „Русино“ е регионална депонија и во неа се одложува отпадот од деветте општини од Полошкиот Регион.
Механизацијата е набавена со заем обезбеден преку Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) и со поддршка од SECO, WBIF и Владата на Шведска преку програмата СИДА. Оваа инвестиција е дел од проектот за подобрување на условите за управување со отпадот во Полошкиот Регион.
„Со воспоставувањето на овој систем, конечно ставаме крај на импровизациите и почнуваме трајно да го решаваме проблемот кој со децении ги мачи граѓаните на Гостивар, Тетово и сите населени места во овој регион. А еден од првите чекори е токму новата механизација во износ од над 1 милион евра, со која јакне оперативниот капацитет на ‘Русино’. Паралелно, во тек е подготовка на проектна и тендерска документација за рехабилитација и проширување на депонијата ‘Русино’. Модерниот регионален систем за отпад значи крај на дивите депонии и почист Полог“, изјави министерот за животна средина и планирање Муамет Хоџа.
На предавањето на опремата покрај министерот за животна средина и градоначалниците од повеќе општини од Полошкиот Регион присуствуваа и амбасадор на Швајцарија Кристофер Зомер и претставници на ЕБОР..
З. АНДОНОВ



