Полска кажа дека ќе користи противпешачки и противтенковски нагазни мини за одбрана на својата источна граница од засилените закани од Русија, напуштајќи меѓународна конвенција која ги забранува овие оружја.
Договорот за забрана на нагазни мини од 1997, познат и како Отавска конвенција, им забранува на државите -потписници да користат нагазни мини, кои имаат предизвикано големи страдања во поранешни воени зони, како БиХ, Камбоџа и Ангола. Полска, која го потпиша договорот во 2012 и четири години подоцна го доврши уништувањето на домашните резерви на нагазни мини, објави дека ќе го обнови производството на мини.
„Овие мини се еден од најважните елементи на одбранбената структура што ја градиме на источниот дел на НАТО, во Полска, на границата со Русија на север и со Белорусија на исток. Полска треба да се одбрани од Русија, која има многу агресивни намери во однос на своите соседи“, рече Павел Залевски, заменик-министер за одбрана на Полска.
Претходно, од договорот се повлекоа и Финска, Естонија, Летонија, Литванија и Украина. Русија е една од речиси триесетина земји кои никогаш не пристапиле кон Договорот од Отава, како и САД.
Полскиот премиер Доналд Туск изјави дека Полска наскоро ќе биде во можност да ги минира своите источни граници во рок од 48 часа во случај на закана.
„Со оглед на должината на нашите источни граници, ќе бидат потребни многу мини“, рече Залевски.



