Душко и Даница Тимови се избрани за принц и принцеза на Струмичкиот карневал. Тие синоќа на маскенбалот ја добија честа да го предводат вечерашново големо дефиле по струмичките улици. Тие се дел од маската „Диско забава – кралеви на подиумот“ со која се забавуваа на маскенбалот, а со својот настап Душко и Даница оставија силен впечаток.
„Нашата порака е масовно да ја пренесеме оваа традиција, која трае со векови, на нашите деца и тие да учествуваат на струмичкиот маскенбал и карневал“, изјави Даница.
Шаренило од бои, интересни креации, многу забава и хумор донесе маскенбалот, каде што учесниците уживаа до раните утрински часови.
„Мислам дека ќе имаме добар карневал, судејќи по маските што ги видовме вечерва. Ова е потврда дека струмичани се верни на традицијата на маскирање“, изјави Танкица Стојанова, претседателка на Организациониот одбор.

Шаренило од бои, интересни креации, многу забава и хумор донесе маскенбалот, каде што учесниците уживаа до раните утрински часови. (Фото: СДК.МК)
На маскенбалот присуствуваше и градоначалникот Петар Јанков. Како што кажа, тој беше „маскиран како градоначалник“ и очекува успешен карневал, за што говорат податоците дека се исполнети сите угостителско-сместувачки капацитети во регионот.
Вечерва се очекуваат околу 1.000 учесници на големото дефиле, со преку 39 групни и поединечни маски. Освен од земјава, маски има и од Србија, Хрватска, Црна Гора и Бугарија.
В. ТРАЈКОВ



