Норвешка уште еднаш ја предводи листата на освојувачи на медали на Зимската олимпијада, надминувајќи држави со многу поголемо население. На Игрите во Милано и Кортина, кои беа затворени синоќа, Норвешка освои повеќе злата (18) и повеќе медали севкупно (41) од САД, кои се втори во двете категории со 12 злата и 33 медали.
Само уште Холандија и Италија освоија по десет злата.
Шест од норвешките златни медали ги освои Јоханес Хесфлет Клебо (скијачко трчање), кој со тоа стана најуспешниот спортист во истпријата на ЗОИ.
Постигнувањата на Норвешка добиваат на уште поголемо значење ако се земе предвид дека таа има околу 5,7 милиони жители, наспроти САД со 342 милиони. Норвежаните освоија најмногу медали и на претходните три зимски олимпијади.
Иако климата и теренот на земјата играат улога во нејзиниот успех на зимските олимписки игри, и други фактори се во игра. Таа е една од најбогатите земји во светот по глава на жител, додека спортот и вежбањето имаат важна улога во животот на многу Норвежани.
За разлика од земји како САД, Норвежаните ставаат помал акцент на натпреварувањето и специјализацијата во младинските спортови (резултатите не се евидентираат на тимските натпревари на кои учествуваат деца под 12 години), а ѝ даваат поголемо значење на забавата. Норвежаните веруваат дека ова придонесува помалку деца да се обесхрабрат и да не се откажат од спортот пред да го развијат својот потенцијал.
„Ние не се занимаваме со скелетон или боб бидејќи тоа чини премногу пари. Ние сме многу богата земја, но веруваме во социјалистичкиот начин на работење. Успехот треба да дојде од напорна работа и заедничко работење“, рече своевремено Мортен Асен, поранешен норвешки олимпиец.
Од 29-те држави кои освоија медал на овие ЗОИ, на Бразил и Грузија им успеа за првпат во историјата.



