Нова работна група предводена од американската војска, специјализирана за собирање разузнавачки информации за наркокартелите, одигра улога во мексиканскиот воен напад во кој беше убиен водачот на наркокартелот Халиско, Немесио Осегуера познат како Ел Менчо, изјави за „Ројтерс“ функционер од американската одбрана.
Меѓуагенциската работна група Kонтра-картел, во која учествуваат повеќе владини агенции на САД, беше официјално формирана минатиот месец со цел да се мапираат мрежи на членови на наркокартели од двете страни на американско-мексиканската граница.
Американскиот функционер не откри детали што работната група можеби им понудила на мексиканските власти, додавајќи дека нападот бил мексиканска воена операција. Во акцијата загинале и најмалку шестмина припадници на обезбедувањето на Осегуера.
„САД составиле детален пакет за Ел Менчо и го доставиле до мексиканската влада за нејзината операција. Ел Менчо беше многу високо, ако не и на врвот, на листата на американски цели во Мексико“, изјави функционерот.
Мексиканската војска го уби Осегуера за време на операцијата за негово апсење во градот Тапалпа, што предизвика бран насилство низ земјата, со запалени автомобили и блокади на патишта. Извор од мексиканската влада рече дека таа ја осмислила и извршила операцијата и дека американски воен персонал не бил физички вклучен.
Поранешниот полицаец Осегуера беше водач на картелот Халиско Нова генерација, кој се смета за еден од најмоќните во Мексико. Тој успеваше да избегне апсење со години, и покрај наградата од 15 милиони долари понудена од САД за информации што би довеле до негово фаќање.
„Картелите работат поинаку од Ал-Каеда и ИСИС, имаат различни мотивации, поради што е уште поважно за нас да идентификуваме цели мрежи, за да можеме да ги нарушиме и демонтираме. Можеби има неколку стотици членови во јадрото на картелот, но имате од 200.000 до 250.000 независни изведувачи кои помогаат во пренесувањето на дрогите“, рече бригадниот генерал Маурицио Калабрезе, кој ја предводи работната група.




