53-годишниот жител на кочанското село Спанчево, Бранко Јаневски, 13 години е во инвалидска количка и исто толку време бара од Општина Чешиново-Облешево да го асфалтира патот во нивното село и до неговата куќа. Поради лошата состојба на патот, тој не може да биде превезен до Кочани или Скопје, каде што често заминува на лекарски прегледи и контроли.
„Такси возилата воопшто не сакаат да доаѓаат до мојата куќа за да бидам превезен во Кочани или Скопје, каде што имам потреба од лекарски прегледи и контроли. Поради лошиот пат, посебно во вакви зимски услови, не се во можност да доаѓаат ниту моите роднини и пријатели со нивните автомобили. Колку години сум неподвижен, толку години барам да се асфалтираат улиците во селото и до мојата куќа. Барањата ги обновувам кај секоја нова општинска гарнитура, но досега нема резултат“, вели Јаневски, кој пред 13 години, при работа во шума, бил удрен во грбот од гранка која се скршила и тешко му го повредила ’рбетот.
Тој, како што кажува, живее со сопругата која многу му помага и со ќерката која го има истиот проблем со патот. Таа оди на училиште во селото Чешиново, оддалечено од Спанчево неколку километри. Но, неколку месеци, посебно во зимскиот период, од дома излегува и се враќа со чизми за да може да го помине калливиот пат.
„Детето во октомври ги облекува чизмите за да оди на училиште, а во март ги соблекува. На двапати ми се слошуваше, па беше повикувана Брза помош, но поради лошиот пат и тие имаа мака да дојдат до нашата куќа“, вели Јаневски.
Со овој проблем го информирал и сегашниот градоначалник на Општина Чешиново-Облешево, Јорданчо Костадинов. Тој за „Сакам да кажам“ изјави дека е запознат со проблемот и дека истиот почнал да се решава. Во изработка била документацијата и главниот проект за реконструкција на селските патишта и во текот на оваа година истиот ќе почне да се реализира.
Т. ЈОВАНОВСКИ



