За Предлогот за измена на Законот за минимална плата, поднесен од пратениците на СДСМ и на Левица, за минимален месечен износ на работниците од најмалку 600 евра, денеска во Комисијата за економски прашања не зборуваа воопшто пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, се смееше и од место дофрлуваше еден од рекордерите во патни трошоци, нивниот сопартиец Петар Ристески-Пеката.
„Едно четиричлено семејство секој ден да јаде три оброка само ѓеврек и јогурт, со оваа минимална плата на крајот на месецот ќе му фалат 400 денари”, илустрираше со бројки и примери пратеникот на СДСМ Јован Митрески.
Додека тој пресметуваше, од место се подбиваше пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Петар Ристески.
„И бурек спомни, не само ѓеврек. А маслинки? Хахахаха”, се смееше од место овој пратеник, по што нервозно излезе од салата.
Пратеникот Оливер Спасовски кажа дека ова е континуиран раст од некогашните 8-10 илјади денари и сега е дојден моментот кога треба да биде минимум 36.960 денари. Ќе требаат 7,5 милијарди денари за оваа цел, што може да се обезбедат од Буџетот, ако се прекине со задолжувањата, пресмета тој.
„Ако може пензиите да се зголемат по 5.000 денари одеднаш со законско решение, не гледам зошто не би можело и за работниците тоа да се примени”, праша Спасовски и побара консензус од сите парламентарни партии за изгласување на овој Предлог-закон за да се слушне работничкиот глас.
Пратеникот Миле Цеков од владејачката ЗНАМ рече дека ќе го поддржи законот.
Фатмир Битиќи пред пратениците низ бројки претстави дека според сумата на потрошувачката кошничка над 1.000 евра, на едно четиричлено семејство ќе му треба 2,7 минимални плати за да се прехрани и да се згрее.
„Сегашните политики на Владата продуцираат работничка сиромаштија. Што значи минималната плата ако не значи минимум достоинство?”, праша Битиќи.
Тој рече дека разликата во минималните плати со толку посакуваната Германија треба да биде барем 1 спрема 3, а не таа да биде петпати поголема од овдешната.
„Зборувате постојано за патриотизам. Патриоти не биваат на празни стомаци”, кажа Фатмир Битиќи.
Пратеникот Јован Митрески од СДСМ повика тука во Собранието да се префрли социјалниот дијалог и сите заедно да го изгласаат законот за раст на минималната плата од 600 евра.
Илире Даути од ДУИ кажа дека ќе го поддржи предлог-законот. И таа низ бројки ја презентираше мизерната минимална плата на работниците во Македонија, која често е и единствениот приход во семејствата.
Не се јавија за збор пратениците од власта, освен Цеков од ЗНАМ. Овој предлог-закон оди и на комисијата за политички систем и на пленарна седница бидејќи е по редовна постапка.
С. К. ДЕЛЕВСКА



