Портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков, изјави дека Русија не ги остварила во целост целите на својата специјална воена операција и затоа конфликтот продолжува. Четири години од почетокот на војната, Русија и натаму нема целосна контрола врз регионите Донбас, Херсон и Запорожје, што незаконски ги анектираше во 2022.
„Последните четири години беа многу важни за Русија и засекогаш ќе останат во сеќавањето на народот. Борбите продолжуваат, но Русија останува отворена за исполнување на своите цели на политички и дипломатски начини“, рече Песков.
Тој вели дека војната во Украина прераснала во многу поширок судир поради одлуката на западните земји да се вмешаат.
„По директната интервенција од страна на западноевропските земји и САД, специјалната воена операција де факто се претвори во многу поголема конфронтација помеѓу Русија и западните држави, кои продолжуваат со својата цел за уништување на нашата земја“, рече Песков.
Русија денес контролира речиси 20% украинска територија, но од тоа освоила нешто повеќе од 1% од 2023. Во редок офанзивен успех на фронтот, украинските сили од крајот на јануари ослободиле 400 квадратни километри во југоисточниот регион Днипро, вклучувајќи осум населени места, според шефот на украинската војска Олександр Сирски.
„Продолжуваме со нашите напори за постигнување мир. Нашата позиција е многу јасна и конзистентна. Сега сè зависи од постапките на режимот во Киев“, кажа Песков.



