Придружната пејачка на некогашната група ДНК, чии главни вокали починаа во катастрофалниот пожар во Кочани, преживеаната професорка Ана Костадиновска, прва сведочеше на денешното рочиште за пожарот вo дискотеката „Пулс“. Таа е сведок на Обвинителството.
„Сара Пројковска ми беше пријателка и соработничка. Бев надворешен член на групата. Улогата на Мартин Атанасовски, за кого ме прашувате, беше технички одговорен за настапите, но не знам кој ги местеше прскалките. Во последните 4-5 години ДНК беше многу баран бенд и настапуваше често. На сите настапи во последните години имаше прскалки и никогаш немаше проблем. Стоеја до нас, до опремата, прскаа во мене, никогаш немало проблем“, одговараше Ана на прашањата.
Пред настапот, членовите на бендот чекале во канцеларија – импровизирана просторија до дискотеката.
„Јас и Сара се подготвувавме и во импровизираниот тоалет. Во просторијата до бекстејџот каде што чекавме, седевме пред концертот, се смеевме, немаше ништо невообичаено. Обично секогаш имаме просторија блиску до бината, но оваа дискотека немаше таква просторија, бевме во канцеларија, како што кажав. Затоа до бината одевме низ публиката, се пробивавме“, раскажуваше таа.
На четвртата песна избил пожарот.
„Ја изведувавме песната ‘Што сака нека биде’, на рефренот беа пуштени прскалките. Јас погледнав инстинктивно нагоре и видов искри. Панчо на микрофон рече да излеземе. Бевме бавни, не ја сфативме сериозно ситуацијата. Видов врата до бината, беше затворена со катанец и не можевме да излеземе. Но, сè се случи брзо. Почувствував топлина, пукање и удар во грбот од пластика. Настана стампедо. Сара тргна со мене. Го поминавме шанкот, но тука се разделивме. Паднав најдолу во стампедото, пред самиот излез. Настана страшна паника и хаос. Се чувствуваше мирис кој тераше на спиење. Во стапицата со мене беше еден дечко кој сите нè држеше будни. Ногата ми беше фатена на друга страна. Беше хорор, не можам да опишам“, сведочеше Ана.
Потоа, преживеаните во толпата почувствувале свеж воздух. Се намалил притисокот и почнале да ги извлекуваат натрупаните луѓе. Момчето што ги држело будни, а потоа и ги извлекувало затруените, било од Кочани. Носело црна маичка со црвена апликација.
„Имав изгореници на лицето и на грлото, односно на гласните жици. Врз мене капеше жешка течност, добив лузни по телото“, одговараше оваа преживеана жртва.
Таа рече дека многу тешко се носи со стварноста во која ги изгубила речиси сите членови на бендот со кој соработуваше со години.
„Бендот ДНК беше мојата фамилија, а Сара беше мојата сестра. До денес трагичната вест не сум ја прифатила, работам на тоа со психолози“, кажа Костадиновска.
По неа сведочеше и гитаристот на ДНК Горан Тонев, тешко повреден во катастрофалниот пожар. Рече дека вечерта на 16 март пристигнал во објектот околу 22 часот заедно со тапанарот Ѓоко Ѓорѓиев, кој почина. За време на техничката проба не забележал поставување пиротехника, но по нивното враќање на сцената таа веќе била поставена.
При пристигнувањето во објектот забележал лица од персоналот и луѓе кои поставувале бинска и звучна опрема, но рече дека тие не биле дел од екипата на бендот.
На ред денеска се уште сведоци на Обвинителството, кои одговараат на директни и детални прашања, а потоа адвокатите на обвинетите им поставуваат вкрстени прашања во врска со дадените искази.
С. К. ДЕЛЕВСКА



