Глумецот Енис Билаловски на 23 февруари бил повреден во последната сцена од претставата „Сонцето, колку е блиску сонцето“ во Македонскиот народен театар (МНТ), беше опериран, во добра состојба е и од денес е пуштен на домашно лекување, вели директорот Никола Кимовски за САКАМДАКАЖАМ.МК.
„На 24.02.2026 година околу 02,00 часот од Комплекс клиники ‘Мајка Тереза’ во СВР Скопје, е пријавено дека кај нив со телесни повреди бил донесен Е. Б. кој се здобил додека извршувал работни задачи во објект на подрачје на Центар“, ни рекоа од Министерството за внатрешни работи (МВР).
Кимовски ни кажа дека во последната сцена од претставата, што трае околу 3 часа, и во која игра голема актерска екипа, Билаловски лежи на подот и како што тече сцената, го влечат по подот. Носел кошула и традиционален македонски појас.
„Јас секогаш сум присутен на претставите и во еден момент ми се јавува инспициентот ми вели: ‘Веднаш дојди’, имаме повреда. Одам кај гриморните и го гледам Енис стои блед, Сашко Коцев му зборува да дише полека, и ми кажува дека при влечењето на подот, над папокот му се забило парче летва од театарските даски. Кога завршила сцената, Енис забележал дека е повреден и му рекол на суфлерот ‘Викнете Брза помош’. Сетоа тоа се случува на крајот на претставата кога и глумците излегуваат на поклон и затоа и публиката не забележала. Го однесовме на Клиниката за пластична хирургија, и за цела среќа рентгенот покажа дека парчето летва не оштетило ниту еден орган, нити предизвикало крвавење. Сите доктори се чудеа како е тоа можно. Го отстранија парчето, Енис е добро, јас секој ден го посетувам и од денес е пуштен на домашно лекување“, ни кажа Кимовски.
Директорот Кимовски вели дека согласно протоколот за вакви несреќи, увид ќе изврши и полицијата и Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ).
Билаловски не е вработен во МНТ, но е ангажиран за потребите на претставата со договор, како и голем дел од младите актери и студенти.
Сцената е поправена, додава директорот и вели дека следниот ден била изведена истата претстава.
Премиерата на мултимедијалната претстава „Сонцето, колку е блиску сонцето – Made in MNT“ во режија на Дејан Пројковски, беше на 29 декември, со која МНТ го прослави 80-годишното постоење.
Б. НЕСТОРОСКА



