Квалитетот на спермата е највисок во лето, а најнизок во зима, според нова студија.
Истражувачи од Велика Британија, Канада и Данска анализирале примероци од сперма од 15.581 маж во Данска и Флорида, сите на возраст меѓу 18 и 45 години. Нивните наоди покажуваат дека подвижноста на спермата била постојано највисока во јуни и јули во двата дела од светот.
Разбирањето на овие сезонски модели би можело да ги подобри третманите за плодност, за да се обезбеди подобро водство на двојките кои се обидуваат да добијат дете.
Студијата објавена во списанието „Репродуктивна биологија и ендокринологија“ сугерира дека нивоата на подвижност на сперматозоидите остануваат конзистентни во различни климатски услови, но се менуваат со годишните времиња. Нивоата беа најниски во декември и јануари, иако Флорида останува топла во текот на целата година.
Но, научниците не пронајдоа промени во вкупната концентрација на сперматозоиди или во волуменот на ејакулатот, без оглед на годишното време. Ова значи дека иако способноста на сперматозоидите ефикасно да се движат варира во зависност од годишното време, времето од годината не влијае на бројот на произведени сперматозоиди.
Во просек, оптималната температура на тестисите треба да биде два до четири степени пониска од просечната телесна температура од 37 степени. Се што е повисоко или пониско од ова може негативно да влијае на подвижноста на спермата, а со тоа и на плодноста.



