Италијанскиот министер за одбрана Гвидо Кросето од вчера е заглавен во Дубаи со своето семејство, бидејќи летовите беа суспендирани по нападите на САД и Израел врз Иран, изјави извор близок до Министерството за одбрана. Министерот замина од Рим во петокот вечерта со цивилен лет за да му се придружи на семејството, кое веќе беше во Дубаи на одмор. Тој требаше да се врати во Италија вчера попладне.
Меѓународниот аеродром во Дубаи претрпе штета за време на одмаздничките напади на Иран, додека аеродромите во Абу Даби и Кувајт беа исто така погодени. Вчера маше експлозија во близина на хотелот „Фермонт Палм“ кај Палминиот Остров во Дубаи,а според очевидци, парчиња од пресретнатите ирански ракети паѓаа на земјата и предизвикуваа пожари.Експлозии се слушнаа во Дубаи и Манама утрово, а државната новинска агенција на Оман извести за напад со беспилотни летала врз неговото комерцијално пристаниште. Оман со години е клучен посредник во разговорите меѓу САД и Иран и досега беше поштеден од ирански напади.
Италијанскиот превозник „ИТА ервејз“ соопшти дека ги суспендирал летовите до и од Дубаи до денес. „Емирејтс ерлајнс“ објави дека ги суспендира сите операции до и од Дубаи до утре во 15 часот. Авиокомпаниите продолжија да откажуваат летови низ Блискиот Исток и денес, бидејќи голем дел од воздушниот простор на регионот остана затворен.



