ВОЈНАТА ВО ИРАН ГО ПРЕДИЗВИКА НАЈГОЛЕМИОТ ХАОС ВО АВИОСООБРАЌАЈОТ ОД КОВИД-ПАНДЕМИЈАТА, ОТКАЖАНИ ИЛЈАДНИЦИ ЛЕТОВИ

    ВОЈНАТА ВО ИРАН ГО ПРЕДИЗВИКА НАЈГОЛЕМИОТ ХАОС ВО АВИОСООБРАЌАЈОТ ОД КОВИД-ПАНДЕМИЈАТА, ОТКАЖАНИ ИЛЈАДНИЦИ ЛЕТОВИГлавните аеродроми на Блиски Исток се затворени трет ден по ред (Фото: АП)

    Стотици летови беа откажани денеска, продолжувајќи го хаосот во глобалниот воздушен сообраќај предизвикан од војната на САД и Израел против Иран, при што веќе се заглавени стотици илјади патници. Доналд Трамп најави дека воената акција би можела да трае со недели.

    Главните аеродроми на Блиски Исток, вклучувајќи го и Дубаи, најпрометниот меѓународен центар во светот, се затворени трет ден по ред, во најголемиот шок за воздухопловството откако пандемијата на ковид-19 ја парализираше индустријата. Летовите низ Блиски Исток се откажани, бидејќи меѓународните превозници продолжија да ги суспендираат своите услуги.

    Рано утрово, веќе беа откажани 1.239 летови. „Емирати ерлајнс“ од Дубаи, „Етихад ервејс“ од Абу Даби и „Катар ервејс“ од Доха заедно откажаа стотици летови. И други превозници ги откажаа услугите низ целиот регион. „Ер Индија“ ги откажа летовите од Њу Делхи, Мумбај и Амритсар за големите градови во Европа и Северна Америка.

    Речиси 2.800 летови беа откажани во саботата и уште 3.156 во неделата, според платформата „FlightAware“.

    „За патниците, нема начин да се ублажи ова. Треба да се подготвите за одложувања или откажувања во следните неколку дена, бидејќи овие напади се развиваат“, рече Хенри Хартевелт, аналитичар на авиоиндустријата.

    Воздушниот простор над Иран, Ирак, Кувајт, Израел, Бахреин, ОАЕ и Катар беше практично празен денеска, според веб-страницата за следење летови „Flightradar24“. Влијанието се прошири и надвор од Блиски Исток, со патници заглавени од Бали до Франкфурт.

    „Саудиска Арабија е единствената вистинска опција за луѓето кои сакаат да го напуштат регионот сега“, изјави Амир Наран, извршен директор на брокерската куќа за приватни авиони „Вимана прајват“, проценувајќи дека приватните авиони од Ријад до Европа сега чинат до 350.000 долари.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира