ВЛАДАТА ДА ПРОГЛАСИ КРИЗНА СОСТОЈБА ВО СТРУГА ПОРАДИ ЗАГАДЕНАТА ВОДА ЗА ПИЕЊЕ, БАРААТ СТРУЖАНИ

    ВЛАДАТА ДА ПРОГЛАСИ КРИЗНА СОСТОЈБА ВО СТРУГА ПОРАДИ ЗАГАДЕНАТА ВОДА ЗА ПИЕЊЕ, БАРААТ СТРУЖАНИОсновното јавно обвинителство Струга води постапка за утврдување евентуална кривична одговорност за загадувањето на изворите во Шум. (Фото: СДК.МК)

    Владата треба да прогласи кризна состојба во Општина Струга, зашто недостигот на безбедна вода за пиење веќе не е краткорочен технички проблем, туку сериозна и продолжена криза која трае безмалку месец дена и директно го засега здравјето и основните услови за живот на граѓаните, смета струшкиот адвокат Глигорие Ќатоски.

    „Тоа би овозможило централизирана координација на сите надлежни институции, мобилизација на државни и приватни ресурси, итни и задолжителни мерки за санација, поефикасно управување со ситуацијата и координирана и соодветна истрага со цел утврдување на одговорност за настанатата ситуација“, вели Ќатоски.

    Тој потенцира дека кризна состојба не е политички чин туку правен механизам за заштита на јавниот интерес и се прогласува кога се загрозени здравјето и животот на луѓето, постои ризик за животната средина, а редовните механизми не се доволни.

    „Во конкретниот случај, водата не е безбедна за пиење и нема решение на повидок, проблемот трае подолг период, следува летен период и можни се радикални рестрикции, а очигледно локалните капацитети не се доволни. Постојат сериозни аргументи за разгледување опцијата за прогласување кризна состојба на територијата на Општина Струга“, кажува Ќатоски.

    Ако се утврди дека приватни компании вршеле ископувања во заштитна зона спротивно на закон или над дозволениот обем, според Ќатоски, станува збор за тешки дела против животната средина и природата, за кое дело е предвиден затвор од најмалку 4 години, и екоцид за кое дело е предвидена казна од најмалку 10 години до доживотна казна затвор.

    Кривична одговорност може да сноси и самото правно лице, ако делото е сторено во негова корист или во рамки на неговото деловно работење во вид на парична казна.

    „Но анализата не смее да запре кај приватниот сектор. Покрај одговорноста на правните лица, неопходно е да се утврди и евентуална кривична одговорност на надлежни лица во Општина Струга, раководни структури во ЈП ‘Водовод’ Струга, надлежни инспектори и службени лица кои издавале дозволи и согласности. Во конкретниот случај треба да се испита дали постои кривична одговорност за следните кривични дела, злоупотреба на службена положба ако службено лице овозможило незаконски активности и несовесно работење во службата“, смета адвокатот Ќатоски.

    Струга сѐ уште е без чиста вода за пиење. Првите резултати од мостри земени на 9 февруари од екипите на Центарот за јавно здравје Охрид покажуваа 28,56 матност од дозволени 1,5.

    Основното јавно обвинителство Струга води постапка за утврдување евентуална кривична одговорност за загадувањето на изворите во Шум.

    Градоначалникот на Струга Менди Ќура, на вонредна седница на струшкиот Совет на 19 февруари поднесе извештај за преземените активности во врска со актуелната состојба со водата за пиење во селото Шум и тешката состојба што ги остави стружани без питка вода од градскиот водовод. Кажа дека според експертите, главниот причинител за проблемот е човечки фактор.

    „Констатиравме дека ископувањата извршени од две компании, низ годините, се евидентни и многу веројатно се главната причина за настанатата штета. Таму има длабоки ископувања и оштетувања што тешко ќе можат да се санираат. Досега утврдивме дека штетата е дополнително зголемена, бидејќи не е преземено ништо за заштита на овој природен ресурс“, рече Ќура.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира