Францускиот претседател Емануел Макрон нареди зголемување на залихите на нуклеарни боеви глави во земјата и вети дека нема да се двоуми да ги употреби доколку виталните интереси на Франција бидат загрозени.
„Наредив зголемување на нашиот нуклеарен арсенал. Повеќе нема да ја откриваме неговата големина како во минатото. Никогаш нема да се двоумам да ги донесам одлуките што се неопходни за заштита на нашите витални интереси. Доколку го употребиме нашиот арсенал, ниедна држава не би можела да го избегне тоа“, рече Макрон во говорот што го одржа во поморска база во северозападна Франција.
Франција има околу 290 нуклеарни боеви глави, според најновите бројки објавени од Меѓународниот институт за истражување на мирот во Стокхолм.
Француските претставници рекоа дека обраќањето било планирано однапред и не е поврзано со ескалацијата на Блиски Исток.
Макрон рече дека Франција би можела да распореди стратешки капацитети поврзани со нуклеарно одвраќање кај европските сојузници, почнувајќи со заеднички вежби.
„Осум европски земји се заинтересирани за програмата на Франција за напредно одвраќање, која ќе се спроведе во целосна транспарентност со САД“, кажа Макрон, додавајќи дека ова ги вклучува Велика Британија, Германија, Полска, Холандија, Белгија, Грција, Шведска и Данска.



