Иран ги намалил нападите со балистички проектили за 86% од почетокот на борбите во саботата, изјави шефот на американската војска Ден Кејн, најавувајќи напади подлабоко на иранската територија.
„Лансирањето на балистички ракети од страна на Иран е намалено за 86 проценти од првиот ден на борбите, со намалување од 23 проценти само во последните 24 часа“, рече Кејн, додавајќи дека се уништени 20 ирански воени бродови.
„Сега ќе почнеме да се шириме во внатрешноста, напаѓајќи прогресивно подлабоко на иранската територија“, додаде тој.
Министерот за одбрана Пит Хегсет кажа дека борбите само што почнале, а иранските воздухопловни сили и морнарица веќе не постојат.
„Иранските воздушни сили беа изградени во 1996, а уништени во 2026. Иранската морнарица лежи на дното на Персискиот Залив, борбено неефективна, уништена и поразена“, рече Хегсет.
Иран одговори на американско-израелските напади со лансирање балистички ракети и беспилотни летала кон американските објекти низ регионот, при што загинаа шестмина американски војници и беше предизвикана голема материјална штета.
„Иран се надеваше на помошта од соседните заливски земји да се избегне војна. Но, нападите на САД и Израел не му оставија на Иран друг избор освен да се брани. Иран го почитува суверенитетот на своите соседи и верува дека мирот во регионот мора да го обезбедат земјите од регионот“, рече иранскиот претседател Масуд Пезешкијан.



